Новини во „Мој Tермин“: Пред да ве прегледаат треба да кажете код

Од утрово, во системот „Мој Tермин“ функционира новина која бара верификација на пациентите што се обраќаат за помош, а која налути некои од матичните лекари. Имено, кога пациент ќе дојде во ординација, лекарот мора да го отвори/внесе неговиот број на картон во компјутер, но за да се потврди идентитетот на пациентот, тој добива код за верификација по смс порака, кој потоа го кажува на лекарот за да го внесе, пишува новинската агенција Мета.

Мета.мк, за појаснување околу оваа новина се обрати до надлежните во „Мој Tермин“ како и до Министерството за здравство, од каде што очекуваме одговори во текот на денот.

„Kaј помлади пациенти не е проблем, веднаш го кажуваат кодот и не се губи време. Но, се губи драгоцено време додека кај повозрасен пациент се чека да му стаса смс пораката, кој патем не се чувствува добро, на пример, поради висок притисок и му треба што поскоро медицинска помош. А, дури откако ќе се внесе кодот од смс пораката, можеме да почнеме да прегледуваме, да издаваме рецепти или да препишеме терапија. Имаме возрасни пациенти кои и немаат мобилни телефони, имаме и дементни пациенти кои едвај знаат да стасаат до ординацијата, камоли да кажат код од смс порака. Во државава има 350.000 пензионери, а илјадници од нив се сами, немаат телефони. Има многу хронично болни и стари лица за кои комшиите се јавуваат за да ни кажат да издадеме терапија“, вели за Мета.мк д-р Лилија Чолакова Дервишова, семејна лекарка и претседателка на Здружението на приватни лекари.

Според неа, би требало да се врати стариот систем на функционирање за да можат да ги услужуваат сите пациенти. Таа најави дека отворена е и опцијата членовите на Здружението на приватни лекари да не работат додека не се најде решение за проблемот.