Естонија стана првата земја во светот која покрена иницијатива за интегрирање чет-ботови и други алатки за вештачка интелигенција специјализирани за образование во националниот образовен систем, објавија естонската влада, „OpenAI“ и „Antropik“, пренесува Н1.
Од 1 септември, односно од почетокот на новата учебна година, 20.000 средношколци од десетто и единаесетто одделение и нивните 3.000 наставници ќе имаат бесплатен пристап до „ChatGPT Edu“, алатка на компанијата „OpenAI“, како и други алатки за вештачка интелигенција, се вели во владиното соопштение.
Се планира следната година програмата да се прошири и на стручните училишта и на новата генерација ученици од 10-то одделение, што значи уште 38.000 ученици и 2.000 наставници.
„Конкурентноста на Естонија зависи од тоа колку добро ги подготвуваме младите луѓе за добата на вештачката интелигенција“, рече министерката за образование Кристина Калас, додавајќи дека Естонија ќе инвестира многу во обуката на наставниците како дел од програмата „AI Leap“.
Програмата ќе биде финансирана од јавно-приватната фондација „AI Leap“, развиена од Дигиталниот совет на претседателот и Министерството за образование и истражување, а во која ќе учествуваат бројни приватни претприемачи.
Се наведува дека конкретните задачи, членовите и моделот на финансирање на фондацијата ќе бидат договорени во март.
Во соопштението се додава дека преговорите се започнати со „OpenAI“ и „Antropik“ и дека се планира да бидат вклучени и други провајдери.
„Естонија создава модел што веројатно ќе го следат и другите земји“, рече шефот за бизнис развој на „Antropik“, Нерав Кингсленд.