[Видео + фото] Протест пред Кривичен суд, граѓани побараа правда за Феликс и поголеми казни за мачење и убивање животни

Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска беше најавено, но се одложи судењето за случајот со кучето Феликс, кое на 7 јануари почина откако му беа ненесени тешки повреди од двајца соизвршители. Истовремено пред судот граѓани излегоа на протест и побараа правда за Феликс, но и поголеми казни за мачење и убивање животни.

„Неговата смрт нема да дозволиме да се заборави, премолчи, помине неказнето. Се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето кои неполни 2 месеци се бореа за негов живот. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците“, рекоа од Здружението „Анима Мунди“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Воедно, активистите поднесоа Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот закон до Владата, со цел да се внесат нови прецизно дефинирани категории – нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.

„Доколку некој се уште се прашува дали и зошто е тоа потребно, наведуваме неколку примери за кои располагаме и фотографии и/или видео материјали – ова се пријави кои ги имаме добиено во последните 10 дена: Коњ, целосно исцрпен кој колабира на улица, е маван и со сила приморуван да стане и продолжи да влече товар. Застрелале мачка и мртва ја закачиле на возило, како трофеј. На мало, мирно куче со сопственик му е скршен черепот од удари – умира, а полицијата не извршува ниту увид по пријава и посочување на осомничено лице, од сопственик. Обесено куче служи за поттикнување на агресија и умира од давење и угризи, додека на него се вежба друго куче. Обесени се 2 волка“, рекоа од „Анима мунди“.

Фото: Радио МОФ

Дополнително, посочуваат дека борби со кучиња се закажуваат и промовираат насекаде онлајн, се спроведуваат во урбани средини, а за истото, велат тие, сите молчат, додека кучиња умираат давејќи се во сопствената крв.

„Пријави ни доставуваат дури и полициски инспектори, кои се плашат за својата безбедност. Понатаму, секојдневно исфрлени расни и нерасни миленици кои завршуваат напуштени, а потоа труени, тепани, умираат во тага без можност да се снајдат на улица, продлабочувајќи го проблемот со прекубројноста на бездомни животни, нарушувајќи ја безбедноста на населението“, забележуваат активистите.

Во нашата држава, потенцираат тие, сведоци сме на фрапантни и секојдневни случаи на насилство врз животните, безумие и суровост на начини кои не може а да ги смисли нормален ум, без граници – насилство кое неминовно ескалира, доколку не се препознае и казни соодветно.

„Тоа се девијантни и непресметани лица околу нас, нашите деца, семејства. Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство! Бараме зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело“, велат од „Анима мунди“.

Конкретно, покрај зголемување на казните, бараат и воведување засебни кривични дела „борби со животни“ и „напуштање на животни“, но и воведување засебна безбедносна мерка „Забрана за чување и стекнување животни“. За последнава мерка, велат тие, може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело.

„Ние не измислуваме ништо ново, туку се базираме на успешни европски примери во законодавството, при што сме водени од примерот на националното кривично законодавство на Република Хрватска и други земји од ЕУ ( Италија, Франција, Полска) .Земји каде што казнените дела се третираат со висока свест за меѓусебната поврзаност и условеност помеѓу заштитата и благосостојбата на животните и заштитата и благосостојба на луѓето. Веруваме дека надлежните институции ќе ја разберат и прифатат оваа Иницијатива, дека конечно ќе имаме соодветни законски одредби кои го превенираат и најстрого казнуваат мачењето на животните.  Одговорност бараме и одговорност мора да има. За Феликс. За животните. За правна држава. За правда!“, рекоа од „Анима Мунди“.

Инаку, судењето денеска се одложи бидејќи еден од обвинетите и неговата одбрана го немаат примено обвинителниот предлог, ниту пак решението за одлука за предложената мерка за обезбедување присуство.

Обвинетите се товарат за убивање и мачење животни“, Член 233 став 1 од Кривичниот законик кој гласи „тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”.

Бојан Шашевски