Опцијата за верификација на телефонскиот број во системот „Мој Термин“ е во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги на пациентите, соопштија денеска од Министерството за здравство.
Оттаму појаснија дека оваа мерка има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што, како што велат, се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем.
„Во моментов, процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар. Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи, итни медицински случаи – внесување во системот без верификација, деца и изнемоштени лица – можат да бидат верификувани преку друго лице – еден телефонски број за повеќе пациенти“, посочија од Министерството.
Корисници на мобилната апликација „Мое Здравје“, од МЗ велат дека можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.
„Важно е да се нагласи дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед. Оваа промена се базира на анализи кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50% од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини кои можеле да бидат искористени за други пациенти.
Министерството за здравство и Управата за електронско здравство остануваат посветени на подобрување на пристапот до здравствените услуги и зголемување на ефикасноста на системот, при што сите чекори ќе бидат преземени со соодветна адаптација и исклучоци за категориите пациенти на кои тоа им е потребно“, соопштија од МЗ.
Претходно, новинската агенција Мета објави дека од утрово, во системот „Мој Tермин“ функционира новина која бара верификација на пациентите што се обраќаат за помош, а која, како што пренесоа, налути некои од матичните лекари.
Новини во „Мој Tермин“: Пред да ве прегледаат треба да кажете код