Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе поднесе известување, врз основа на кое двајца 14-годишни малолетници од Скопје, ќе бидат пријавени за случајот со праќање лажни закани за бомби во училишта, соопшти утрово Министерството за внатрешни работи
Пријавените малолетници на 19 февруари, како што соопштија од ресорното министерство, од мобилниот телефон на едниот малолетник испратиле мејл со заканувачка содржина за поставена бомба во две училишта – едно основно и едно средно во Скопје. Два дена подоцна, испратиле уште еден мејл од другиот телефон на малолетникот за поставена бомба исто така во две училишта – основно и средно во Скопје.
„Од страна на Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи при СБПТНЕР во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршена е антитерористичка проверка на сите училишта кои што добиле порака, но не се пронајдени експлозивни направи и е утврдено дека се работи за лажно пријавување за поставени експлозивни направи. По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал, утврдено е IMEI-то на мобилниот уред користен од страна на корисничкиот имејл од каде се пратени пораките, кое IMEI било поврзано до услугите на GOOGLE на 21.02.2025 од IP адреса од телекомуникациски оператор од Република Северна Македонија. По извршени дополнителни проверки од страна на СБПТНЕР, утврден е идентитетот на инволвираните малолетни лица, при што на 25.02.2025 во ПСОН Чаир тие се повикани и во присуство на родител, инспектор за малолетничка деликвенција од СВР Скопје и адвокат, извршен е разговор во кој го признаа и појаснија начинот на извршување на делото“, посочија од МВР.
По извршениот службен разговор, со цел обезбедување на докази, со потврда за привремено одземени предмети од нивните родители се одземени два мобилни телефони со СИМ картички, кои ги користеле пријавените малолетни лица, дополнија од МВР.