Женска медиумска мрежа „Еднаква“: Најостра осуда за неоснованите оцрнувања на новинарки од Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ преку соопштение денеска најостро ги осуди неоснованите обвинувања на Драган Павловиќ Латас изложени на социјалните мрежи против новинарките Сашка Цветковска и Деница Чадиковска со цел да се наруши нивниот интегритет и да се дискредитира нивната работа.

„Нападите кои се непоткрепени со факти се на штета на целата новинарска фела и состојбата на медиумите во земјата. Со ваквото малициозно таргетирање за кое не се дадени никакви докази се врши притисок врз слободното и професионално новинарство во државата. Оцрнувањето на новинарките на социјалните мрежи дополнително поттикнува омраза и закани, како и мизогени напади, а може да ја загрози и нивната безбедност, за што сведочат и бројни коментари на статусите на Драган Павловиќ Латас“, велат од „Еднаква“.

Оттаму ја осудија и објавата на Ивона Талевска на социјалните мрежи која, како што посочија, ги таргетира Сашка Цветковска и Славица Арсова.

Од Женската медиумска мрежа ги повикаа надлежните институции да обезбедат заштита на новинарките од вознемирување и закани, и ја повикаа јавноста да ги отфрли дезинформациите. Нападите врз новинарките, како што додадоа, се сметаат за напад врз службено лице со последните измени на Кривичниот законик.