ИЈЗ: Годинава една третина повеќе грипозни од лани

Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип или заболувања слични на грип изнесува 17.375, а во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 36,4%, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во последниот извештај за заболени од грип и заболувања слични на грип.

„Во текот на осмата недела од 2025 година (од 17 до 23 февруари), пријавени се 3.035 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 11,3 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со осмата недела од минатата сезона е зголемен за 3,7 пати“, наведено е во извештајот.

Извор: ИЈЗ

Во однос на возрасната дистрибуција, 1.697 лица се на возраст од 15-64 години, 712 кај деца на возраст од 5-14 години, 375 се регистрирани кај деца на возраст од 0-4 години и 251 кај лица на возраст над 65 години.

„Највисока инциденца (388,5/100.000) се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, а кај децата од 5-14 години инциденцата изнесува 331,4/100.00“, соопштува ИЈЗ.

Понатаму, во текот на оваа недела, во 3 извештајни единици се регистрира многу ниска, во 3 – сезонска, во 10 – средна, во 7 – висока, а во пет (Дебар, Ресен, Кавадарци, Кратово и Свети Николе) – многу висока активност на вирусот на грип.

Извор: ИЈЗ

Од ИЈЗ исто така, информираат и за еден смртен случај асоциран со грип.

„Се работи за лице на возраст од 78 години од Скопје кое било хоспитализирано во Ургентен центар за Пулмоалергологија. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А(H3)“, стои во извештајот.