По 14 месеци тишина, „Odron Ritual Orchestra“ вечерва (петок, 28 октомври) од 21:30 часот во скопскиот „Ѕе“ излегува од сенката на својата светлост.
„Првиот клупски концерт на овој монолит ќе го донесе обредниот звучен ѕид поблиску од било кога. Непосредноста на ‘Ѕе’ е совршен терен за оваа интеракција. Напуштањето на префиксот ‘Светлост +’ ја најавува новата колаборативна насока на овој дум-џез ансамбл“, стои во најавата за концертот на „Odron Ritual Orchestra“.
Заедно со оркестарот, во Скопје своето деби ќе го има Кристофер Робин Кокс – американски тромбонист и импровизатор – чест соработник на Дени Омерагиќ во неколку унгарски ансамбли.
„Името можеби ви е познато – неговиот трио албум ‘Urgent’ е последното издание на PMGJazz. Израснат во Сан Франциско, неговиот музички сензибилитет е производ на калифорниската фри-џез револуција од ’90тите, каде соработува со имиња како Марко Енеиди, Глен Спирмен, Џејсон Робинсон, Били Бенд, Сесил Тејлор, Џанкјард Емпајр и Амири Барака.
„Odron Ritual Orchestra“ ќе свират во состав:
Нинослав Спировски (кларинет / сопран саксофон / тенор саксофон)
Благојче Томевски (кларинет / бас кларинет)
Васко Бојаџиски (алт саксофон / тенор саксофон)
Владан Дробицки (тромбон)
Кристофер Кокс (тромбон / електроника)
Кристијан Новковски (тапани / удиралки)
Марко Ковачевиќ (тапани / удиралки)
Филип Букршлиев (електрична гитара)
Дени Омерагиќ (бас гитара / контрабас / електроника)
„Поради големината на ансамблот и просторните ограничувања, билетите ќе бида достапни во исклучително мал број пред почеток на концертот, по симболична цена од 200 денари“, се вели во најавата.