Младите од Западен Балкан се соочуваат со проблеми, треба да бидат слушнати

„Заедно водиме: Младите се сила на Балканот“, е темата на регионалната конференција во организација на ХЕРА, која вчера ги собра младите од Западен Балкан во Скопје. Целта е младите од регионот да се обединат, да ги идентификуваат заедничките предизвици и да се залагаат за инклузивен дијалог кој ќе им овозможи активно учество во донесувањето на важни одлуки, пишува новинската агенција Мета.

Савче Ѓошева, студентска правобранителка при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, рече дека треба да се работи на квалитетот во високото образование.

„Било кој студент да прашате, ќе ви посочи дека проблемите не се малку на број, но она што е најважно е дека се` уште сме далеку од бесплатно високо образование и модерен пристап кон наставата, став кој го делат сите студентски организации. Потребен ни е национален консензус и силна волја од општествените актери за да се случи ваква реформа“, рече Ѓошева.

Ѓерѓ Мура, Извршен директор на Фондот за Западен Балкан, во воведното обраќање изјави дека регионалната соработка е клучот за просперитетна иднина на Западниот Балкан.

„Без разлика на секторот, било да се работи за спорт, култура или како, образование и младинското вклучување, нашиот напредок зависи од единството, разбирањето и заедничките можности. Во овој контекст, младите имаат клучна улога“, рече Мура.

Даворин Трпески, Декан на Природно-математички факултет во поздравното обраќање истакна дека е радосен што конференција за млади од ваков ранг се случува на овој факултет.

„Се обидуваме во нашето опкружување да ја наметнеме премисата дека вложувањето во младите е инвестиција за државата и затоа доколку се поддржуваме во нашите намери можеме да ги направиме нашите земји поубави и попријатни места за нашите млади да останат тука “, рече Трпески.

Државниот секретар во Министерството за здравство, Бесим Мемеди изјави дека младите лекари се главна движечка сила на здравствениот систем, па затоа заложба на министерството била да овозможи поповолни услови за развој на младите лекари и соодветно вреднување на нивниот труд.

„Покрај зголемувањето на платите кои се значаен чекор за мотивација младите доктори да останат во државата, Министерството за здравство веќе активно работи и на процесот на вработување 600 млади специјализанти“, кажа тој.

Драгана Стојановиќ, извршна директорка на Центарот за граѓански политики и одржлив развој (ЦППОР), истакна дека во Србија се случува историски момент, бидејќи студентите ја водат најголемата демонстрација во регионот од 1968 година.

„Младите во Србија, и покрај насилството и репресијата од властите, не подлегнуваат на заплашувања и продолжуваат да се борат за својата иднина. Ова не е само политичко прашање, туку егзистенцијано“, изјави Стојановиќ.

Марија Ѓорѓиевска од Програмска асистентка во ХЕРА, рече дека достапно, доверливо и квалитетно здравство е клучно за јакнење на младите.

„Потребна е посебна превентивна програма за млади. Новите здравствени предизвици не се препознаени“, кажа таа.