[Став] Македонското новинарство (не) умира

Жаклина Хаџи-Зафирова

Македонското новинарство низ годините поминува(ше) бројни предизвици, но најголемиот предизвик пред кој сè уште е исправено е токму неговото понатамошно опстојување како професија и занает кој(а) некогаш беше препознаен(а) како една од најценетите и најпосакуваните на овие простори.

Повозрасните со носталгија се сеќаваат на времињата кога утрата започнуваа со некогаш најтиражните весници кои се купуваа во трафиките. На весниците, радиото, телевизијата… горе-долу им се веруваше.

Времињата се сменија, а со тоа и читателските, слушателските и гледачките навики. Ако некогаш печатот, радиото или телевизијата имаа примат кај публиката, денес, претежно телевизијата и дигиталните медиуми го задржаа своето темпо да ги задоволат истенчените вкусови на граѓаните. Во трка со времето, поголем дел од публиката се препушти на инстантната „вистина“ сервирана преку социјалните мрежи.

Според „Насоките за управување со дигиталните платформи-Заштита на слободата на изразување и пристап до информации со вклученост на повеќе чинители“ на УНЕСКO и Советот за етика во медиумите на Македонија, „во 2023 година, 60% од светската популација, или 4,75 милијарди луѓе, користеле платформи на социјалните медиуми за да се изразат, да се информираат и да се афирмираат себеси“. Во оваа анализа се констатира дека „дигиталното царство, како простор за слобода и нов форум за изразување и дебата, се преплетува со нашите социјални врски, идентитети и животи“.

Социјалните мрежи му овозможуваат на обичниот граѓанин живот во една сосема нова димензија, виртуелен свет, каде се сретнуваат неговите надежи, стравови, очекувања…Во овој нов дигитален свет се е можно, вистината станува лага, а лагата се претвора во вистина.

Напливот на информации кои се менуваат и ажурираат од секунда во секунда, не му остава простор на читателот/ слушателот/ гледачот да има доволно време за критичко размислување и проверка на информацијата, која се „голта“ одеднаш, онака како што е понудена – во изворна форма.

За моќта на медиумот зборува и еден од најпознатите медиумски теоретичари, познатиот канадски филозоф, Маршал Меклуан, кој во својата книга „Медиумот е порака“ го предвидел влијанието на дигиталниот свет и воопшто на медиумите врз формирањето на јавното мислење.

„Медиумите целосно нè напаѓаат. Тие се толку убедливи и со своите лични, политички, економски, естетски, психолошки, морални, етнички и социјални последици со тоа што не оставаат ниту еден дел од нас кој е недопрен, незасегнат, непроменет. Медиумот е порака. Какво било разбирање на социјалната и културна промена е невозможна без познавање на начините според кои функционираат медиумите како опкружување “, вели Меклуан во својата книга.

Брзи информации, немотивирани кандидати за идни новинари

Во еден брз, дигитален свет каде информацијата е на дланка, се очекува да расте интересот за новинарската професија, со оглед на леснотијата да се дојде до посакуваната информација на интернет. Сепак, се случува спротивното.

Нашата држава не е имуна на глобалните случувања во медиумската сфера, каде од година во година, се повеќе се намалува интересот за новинарските студии. За сметка на тоа, светските пазари ја наметнаа потребата од профилирање на кадри во областа на ПР и комуникологијата, кои се покажаа и поатрактивни, но и поисплатливи како професија.

Настрана од генералниот тренд на намалување на бројот на студенти во нашата држава како резултат на емиграциските токови, загрижувачки е трендот на се помалиот број на идни студенти по новинарство.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје оваа учебна година има рекордно најмал број на новозапишани студенти на насоката новинарство, каде се регистрирани само шест студенти, (во 1977, кога е отворена катедрата – имало 125 студенти).

Според професорката Јасна Бачовска-Недиќ, нашата држава е последна според бројките на запишани студенти во регионот.

„Апроксимативно, бројката во Албанија, Косово, Црна Гора, Босна, Војводина, Србија општо, е од 60 до 100. Сите имаат поголема бројка на студенти по новинарство. Ние едвај запишуваме по 10. Така е последниве четири, пет години“, вели професорката Бачовска-Недиќ, алармирајќи дека новинарските студии не се атрактивни за младите.

Слаб е интересот за упис и на другите факултети кои имаат насоки за новинарство.

Бројот на запишани студенти на насоката новинарство во академската 2015/16 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип и на Државниот тетовски универзитет (ДУТ), вкупно бил 59 студенти.

Додека, во академската 2021/22 година, се сведува на бројка од вкупно 36 студенти, што е пад од 23 студенти за 7 години.

Кои се причините за ваквите загрижувачки трендови?

Професорката Јасна Бачовска-Недиќ појаснува дека новинарството не е регулирана професија, каде секој може да се реализира како новинар, без разлика на стекнатото образование, а дополнително, на лошата состојба придонесуваат и ниските плати и лошите услови за работа, брзиот развој на социјалните мрежи кои влијаат врз етаблирањето на традиционалните медиуми и нивното економско преживување, како и економската нерамноправност помеѓу новинарите.

Според наодите од истражувањето на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за Професионалниот статус и работничките права на новинарите и медиумските работници, реализирано во текот на 2023 година, главни проблеми во медиумите се ниските плати, стресот во работата и непочитувањето на некои од основните работнички права кои се гарантирани со Законот за работните односи.

Еден од најголемите проблеми во онлајн медиумите детектиран во истражувањето е, на пример, ангажирањето на новинарите врз хонорарна основа или со договори на определено време.

Еден од најзагрижувачките наоди во истражувањето на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е и тоа дека околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата (37.065 денари, мај-октомври 2023), што ги прави новинарите ранливи и подложни на различни влијанија. Во истражувањето се констатира и дека „ова значи дека, и покрај законските гаранции за слободата на медиумите и на новинарите, без нивна стабилна и поволна социо-економска состојба тешко ќе се постигне професионално и објективно новинарство“.

Малите зраци на надеж во медиумската сфера

Сепак, не е се така црно во академските новинарски води. Оптимизам влеваат напорите на дел од меѓународната заедница кој ја препознава потребата од создавање на свеж и професионален новинарски кадар кој ќе знае да им одолее на современите предизвици и ќе знае соодветно да одговори на потребите на читателите, слушателите и гледачите.

Во октомври минатата година, со поддршка на Амбасадата на САД во земјава, беше отворена Медиумска лабораторија во рамките на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во надеж дека ќе се издигне профилот на новинарството.

Новиот Центар за иновации во медиумите е сместен во професионално телевизиско студио каде студентите можат да користат камери, светла, „глува соба“, миксети за снимање, а обезбеден е и пренос во живо.

Оваа Медиумска лабораторија, по примерот на светски реномираните универзитети, е новиот зрак надеж кој создава можност да се изнедрат перспективни, млади новинари со критички поглед на светот, кои ќе имаат простор да наметнат нови професионални предизвици на авторско, објективно, независно новинарство кое ќе го засени „копи-пејст“ новинарството.

Токму ваквите центри можат да послужат како пример и на другите универзитети, со цел да се воспостави позитивна пракса и на тој начин да се стимулираат идните новинарски „пера“ да стремат кон идниот кариерен развој.

Бидејќи и праксата која во моментов недостига на дел од студиските програми е исто така, една од причините зошто дел од тие програми се неатрактивни и застарени и со тоа непривлечни за идните студенти.

Не мора да одиме подалеку, кога е општо познато дека не-ретко кандидатите за идни новинари се одлучуваат за новинарските студии во регионот токму поради можностите за пракса уште во текот на студирањето, со што студентите на новинарство си обезбедуваат понатаму и сигурно работно место, но и конкурентни плати.

На новинарството, на крајот ќе му пресудат новинарите

Сведоци сме дека високото образование во изминативе декади помина низа промени, но прашање е дали тие одговараат на современите предизвици и потребите на пазарот.

Недостасуваат сериозни анализи и стратегии за подобрување на високото образование на новинарите, присуство на практична работа и учење на вештини, како и градење на претприемачки дух уште во текот на студиите. Голем проблем е и мотивацијата да се студира новинарство. Затоа, потребна е одредена стимулација или поддршка на универзитетите во насока на подобрување на студиите по новинарство, како и политичка волја за поддршка на истражувачкото новинарство кое привлекува и мотивира млади луѓе да студиираат новинарство.

До носењето на издржана стратегија за потребата од соодветни профили во високото образование, медиумите сепак, не се ускратени во можноста да размислат како можат да помогнат на идните новинари да се пронајдат во медиумскиот простор, а со тоа и да помогнат во одржување на сопствената, но и кондицијата на сите други медиуми во земјава за негување на професионалните стандарди во новинарството и зачувување на новинарскиот еснаф.

Доволно е да ја препознаат непресушната желба за знаење кај младите новинари, силната желба за докажување на нивните способности и потребата за истражување и освојување на нови простори на новинарското небо.

*Жаклина Хаџи-Зафирова е новинар со повеќе од 12 години новинарско искуство, главно во дневни и неделни весници, но и со искуство од светски рамки. Таа била претставник на данскиот СКУП во Македонија, а работела и како координатор за македонскиот дел во мрежата на СКУП во рамки на Европа и пошироко. Нејзин главен фокус е истражувачкото новинарство и неговите перспективи во земјата, регионот, па и пошироко. Жаклина е трикратен добитник на специјалното признание за истражувачко новинарство што го доделува Македонскиот институт за медиуми за нејзините стории „Незавршени донации за проекти во Македонија“, „Како да станете Бугари преку ноќ“ и „Загадувањето не запира, секоја година 4,500 нови случаи на рак!“

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.