Скопје, 22 февруари 2025, во дијаметар од два километри во центарот на градот, во исто време шест свирки: Лабораториум – Marigold (Nirvana Tribute Band); Котур – 21 век; Браво – Последен удар; Буква – Теодосиев, Мирчевска, Томевски; Станица 26 – LVST и Damage Control; Македонски паб „Sе“ – Namuz и The Ooz…
„Бучната музичка алтернатива“ – или, можеби: „Бучниот алтернативен музички“ бран („БАМ бран“), се чини посоодветен од „Новиот бран“, како што се самоопределува друштвото од Колективот „Гола планина“ :) Едно заради историските референци кон New Wave бранот после панкот од 1970те, а друго што музичкиот бран кој се појави/вува во Македонија е прилично бучен, и тоа со причина. Можеби и како трето, овој бран ја дополнува ионака живата музичка сцена крепена од: раперите и хип-хоперите, од металците и џезерите. И сите тие заедно ја создаваат раздвижената тековна музичка сцена.
Но, како четврто, и како клучно и суштествено, овој бран не само што е хибриден по својата форма туку е таков и по својата суштина која излегува од рамките на самата музика: БАМ бранот е своевидна дружебна и исклучително важна, општествена појава! Изникнат врз несигурната општественост која и го создава и го обликува и го насочува, БАМ бранот е единственото нешто свежо, возбудливо и вредно на македонската култура денес!
Театарот тешко се менува и прилагодува на сменетите времиња; ликовната уметност се изгуби некаде помеѓу „Сакам кажам, не знам речам“; романсиерството тапка во место; поезијата се повторува; балетот и операта одамна не произведуваат никакви значења; само филмот, од време на време, ќе изненади со нешто. Во рамките на самата музиката: џезот се академизира и фестивализира; металците останаа само со зарипнатите гласови; раперите и хипхоперите се издишаа, а популарната музика скоро и да ја нема.
Како се случи ова?
1.Скопје живее паралелна стварност: од една страна е мега кич-парадата на популистичко-националистичкиот „спектакл“ именувана како „Златна бубамара на популарноста“ која глуми Оскари за сѐ и сешто со преполна спортска сала која се смее на ефтини штосови и, од друга страна, микро бучната музичка култура по малите скопски места и локали.
2.Скопје живее паралелна урбаност, поточно: подземна урбаност, урбаност која ги поткопува темелите на урбаната мафија и семожниот политичко-партиски грабеж на јавниот простор претворајќи го Градот во тотално нефункционална целина. Откако го убија оној урбанистички јавен простор, БАМ бранот пронајде нови гратски топои и во и околу нив создаде една сопствена „паралелна линија“.
3.Ако појавата на раперите и хипхоперите (главно од Аеродром) беше производ на почетокот на општествената и економската транзиција, тогаш оваа генерација е производ на последиците од неа и онаа на нејзиниот крај; и обете ги трпат последиците и се појавуваат како субверзивност на исполитизираната мејнстрим култура.
4.Пројавеното заедништво се чини дека е последица на, како следна клучна причина, COVID изолацијата. Пропуштените рани младешки години од тој период, како да имаат потреба да се надокнадат со повторно дружење, со некое (ретка во нашата култура и општественост) заедништво, во некое бидување и споделување на исти или блиски вредности кои, овој пат, самите ќе ги создаваат – енергично.
5.Ова истурање на енергијата во сите овие места и во сите овие (хибридни) форми е потребата не да се заработи, туку да се почувствува жив и како со тоа да се спортивставува на општото мртвило и депресија околу нив. Оттука и хибридноста: не се бара повеќе формата, туку можноста и/или начинот да се стане специфично свој наспроти сѐ наоколу. Затоа и не се ни знае веќе кој со кого свири, кој во која група свири, кој што свири… туку важно е да се свири, постојано, насекаде (старомодно е тоа групирање по групи). Затоа е многу тешко музиката која ја создаваат бендовите да се стави во една рамка, бидејќи е сосема неважно дали е тоа: noise, post-punk, free jazz, funky, shoegaze… важно е да е енергично, силовито и контролирано – бучно! Затоа е БАМ бранот резултат на ваквото заедништво. Историјата на македонската алтернативна, рок или џез музика (поп музиката па ич) не познава досега ваков феномен на заедништво, бидејќи тогаш, во тоа време, секој секому му беше конкуренција.
6.И ваквото заедништво не важи само за музичарите, туку и за публиката, посетителите, слушачите на оваа музика. Ситуацијата создаде своевидна култура на одење и гледање бендови. Поточно, да се биде заедно со бендовите како што и бендовите се дел не само од свирката, туку и од заедничкото дружење и бидување заедно – да се биде една голема фамилија!
7.Со тоа, местата за свирење се претвораат во простори на заедништво. И затоа е важно БАМ бранот да се поддржи, бидејќи создава нова културална друштвена вредност!
Затоа за The.Out.s е важно БАМ бранот да се поддржи и охрабри за да продолжи, бидејќи е уникатен не само по својата музичка форма, туку и по својата суштина и со тоа создава нова културална друштвена вредност!
The.Out.s
***
„The.Out.s“ е активистички поп-ап обид за критичко промислување на стварноста преку експериментирање со звуци во јавниот отворен (уличен) простор.
16: „Бучната музичка алтернатива“
1 март 2025
(10:56-11:38)
Сцена „Лепеза“, Градски парк, Скопје
Целиот звучен настан:
***
*Ставот првично е објавен на Јутјуб и Инстаграм профилот на The.Out.s, а реобјавен со дозвола на авторот
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.