Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини иницираше и интензивира активности за правично и транспарентно информирање на јавноста во врска со сметките за електрична енергија, во рамки на нивните надлежности за заштита на правата на граѓаните.
Иако немаат директни ингеренции врз цените и фактурирањето, од Министерството го поставиле прашањето како приоритет и иницирале средби со сите релевантни страни со цел транспарентно и правилно информирање на јавноста, па оттука, заедно со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги информираат граѓаните за сите можности за точен и навремен увид на потрошената електрична енергија како и за механизмите што им стојат на располагање.
Поднесување приговор за сметка
Клучни чекори за правично решавање спорови е поднесување приговор до „ЕВН Хоум“, односно сите граѓани кои сметаат дека нивната сметка е неточна имаат законско право да поднесат приговор до универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ во рок од 8 дена, а пријавата мора да содржи број на сметка, опис на проблемот и копија од фактурата. Контакт мејл адресата е info@evn.mk.
Ако ЕВН не одговори во законскиот рок или граѓаните не се задоволни од одговорот, можат да се обратат до РКЕ на erc@erc.org.mk или potrosuvaci@erc.org.mk, приложувајќи ги документите од постапката со ЕВН, а РКЕ, како што објаснуваат, ќе изврши независна истрага и ќе донесе обврзувачко решение.
Потоа, доколку РКЕ донесе одлука во полза на граѓанинот, ЕВН е законски обврзан да ја коригира сметката, најчесто со пресметковно намалување на следните фактури, а во случај на негативна одлука, граѓаните имаат право да поведат управен спор.
„Според законот, ЕВН Хоме е должно квартално (на секои 3 месеци) да ги отчитува броилата за да се осигури дека податоците се точни. Од ЕВН Хоум информираат дека околу 85% од броилата се отчитуваат секој месец. Меѓутоа има броила кои се поставени во имотот на корисниците и кои не можат да се отчитаат доколку корисникот не е присутен. 15% од броилата, во кои влегуваат непристапни, во одделни рурални средини, се читаат два пати годишно. Во период од 3 месеци, процентот на отчитани броила бил над 95%. За броилата што нема можност да се отчитаат во текот на месецот фактури се изготвуваат врз основа на прогнозирана потрошувачка (Автоматски алгоритми), каде што основот е кривата на потрошувачка и потрошувачката во последните 12 месеци“, се наведува во соопштението на Министерството.
Според информациите на „ЕВН Хоум“, од Министерството велат дека по воведувањето на блок тарифите се вовел механизам на проверка. За потрошувачката на корисниците кои прв пат влегуваат во четвртиот блок се појавува „системска нотификација“ и истите секогаш поединечно се проверуваат од страна на Електродистрибуција, додаваат оттаму.
„Овој процес се спроведува пред да му се достави фактурата на корисникот. Во ваков случај, доколку влегувањето во четвртиот блок е последица на претходни неотчитани месечни состојби, односно нефактурирани киловат-часови, фактурата веднаш се корегира“, се посочува во соопштението.
Отчитување броила
Доколку граѓаните се сомневаат дека нивните броила не се редовно отчитувани, од ресорното министерството, посочуваат дека тие можат да ја споредат фактурата со вистинската состојба на броилото – доколку има неусогласеност, а ЕВН е должно да реагира, како и сами да пријават состојба со отчитување на броилото.
Потоа, граѓаните можат и да поднесат барање до „ЕВН Хоум“ за физичко отчитување на броилото и проверка на блоковите, доколку не се во можност сами да го отчитаат броилото. Исто така, можат и да побараат доказ за отчитување, а според законот, ЕВН мора да обезбеди потврда за кварталното отчитување. Доколку ја нема, објаснуваат дека граѓаните имаат право на ревизија.
Исто така, граѓаните можат сами да ја пријават состојбата на броилото онлајн преку апликацијата на ЕВН. Со тоа, како што се наведува, граѓаните ќе добијат сметка според реалната потрошувачка избегнувајќи ги проценети вредности врз основа на историска потрошувачка.
Граѓаните кои сакаат сами да ги пријават состојбите на броилата истото можат да го направат на овој и овој линк, со електронски допис на info@evn.mk или elektrodistribucija@evn.mk или со јавување на телефонскиот број 02 32 05 000.
Инаку, од 820.000 броила во Македонија, во „ЕВН Хоум“, во периодот од 24 декември до 25 јануари, пристигнале 15.000 приговори, но, како што информираат од таму, само мал број од овие пријави (15%) се ревидирани според новопрочитана состојба, а за останатите било утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка.
„Колку за споредба од ‘ЕВН Хоум’ информираат дека бројот на пристигнати поплаки во овој период е за 20% помал отколку во периодот декември 23 – јануари 24. До второстепениот орган РКЕ пак до 28.02.2025 пристигнати се 345 приговори“, се посочува во соопштението.
„Министерството и РКЕ непрекинато ги следат сите постапки и инсистираат на целосна транспарентност од страна на сите инволвирани страни. Како дополнителна мерка, во тек се активности за активирање на современа апаратура за проверка на броилата во Бирото за метрологија со што ќе се овозможи дополнителна независна верификација и проверка на броилата, по жалба на потрошувачите, во државна институција. Ова ќе придонесе за дополнителна транспарентност, правичност и контрола. Министерството за енергетика и рударство останува посветено на заштитата на граѓаните во енергетскиот сектор. Во таа насока, ќе продолжи со иницијативи за поголема транспарентност, вклучително и дополнителни едукативни кампањи за потрошувачите. Граѓаните ќе бидат редовно информирани за сите можности за проверка и корекција на нивните сметки, како и за механизмите што им стојат на располагање“, додаваат од ресорното Министерство.