Неколкумина млади средношколци од ОЕМУЦ Св. Наум Охридски Охрид ја создадоа мобилната апликацијата наречена „ТрешПингер“, која од февруари е достапна на „Плејстор“. Идејата позади неа произлегла од депониите што ги гледаат во околината. Барајќи решение како да ги отстранат, смислиле апликација која ќе ги мапира, а потоа информацијата за маркерот ќе ја дистрибуираат до еколошките организации и комуналното претпријатие и заеднички ќе се организираат да ја расчистат депонијата.
Неодамна тие одржаа уште една еко-акција во Охрид, а ако што објаснува Александар Спасеновски од „ТрешПингер“ за Радио МОФ, нивната првична идеја за мапирање и расчистување на отпадот станала реалност.
„Во најкус можен рок излегуваме на терен и чистиме. Досега сме спровеле три вакви акции откако се пријавени на апликацијата, но и претходно, во рамки на училишната секција во која членуваме, секоја година организираме волонтерски акции за чистење“, вели Спасеновски.

Акција за чистење на 22 февруари / фото: „ТрешПингер“ – Фејсбук
„Отприлика имаме околу триесетина корисници (на апликацијата н.з.) и само три пријавени депонии за што искрено се надеваме дека во иднина бројот на пријавени депонии ќе се зголеми, а секако и бројот на корисници“, додава тој.
Покрај континуираното унапредување на апликацијата и организирањето на еко-акции, како тим планираат и едукативни работилници, јавни дебати и соработки со локални заедници и компании.
„Нашата цел е да создадеме одржлив еко-систем каде граѓаните ќе бидат активно вклучени во заштитата на природата. Исто така, размислуваме за партнерства со училишта и универзитети за да ја подигнеме свеста кај младите и да ги мотивираме да бидат дел од позитивните промени“, вели Спасеновски.

Акција за чистење во околината на средното училиште „Св. Наум Охридски“ во Охрид / фото: „ТрешПингер“ – Фејсбук
На овој проект, од идеја до реализација работеле цели три години. Развивањето на апликацијата траело шест месеци, а потоа уште три месеци за поправка на грешките и тестирање за да се подготви за јавноста.
„Во иднина планираме е да се додаде функција која им овозможува на корисниците да поставуваат слики на маркерите како доказ од депонијата што ја пријавуваат“, истакнува Спасеновски.
Според нив, свеста за животната средина расте, но сè уште постојат, како што велат, големи предизвици, особено во однос на правилното управување со отпадот и намалувањето на загадувањето.
„Многумина се свесни за проблемите, но потребна е поголема акција и ангажман од сите страни – од граѓаните, институциите и компаниите“, вели Спасеновски.
„Нашата порака е дека секој мал чекор е значаен! Не е потребно да бидете активист со полно работно време за да направите разлика – доволно е да внимавате како го одложувате отпадот, да учествувате во акции за чистење и да ги мотивирате другите околу вас. Промената започнува од секој од нас“, дециден е тој.
Мартин Колоски