Граѓански организации: МВР ги повлече измените на Законот за полиција кои ги изложуваа на ризик жртвите на семејно насилство

По реакцијата на Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежа за заштита од дискриминација, Министерството за внатрешни работи (МВР) се откажа од измените на членовите 31 и 31а од Законот за полицијата, информираат здружените организации.

Членовите се однесуваат на одземањето на службеното оружје и упатување на полицискиот службеник на психолошки и психијатриски преглед кога тој ќе изврши семејно насилство.

„Планираните измени се косеа не само со Истанбулската конвенција, туку и со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, затиа што со него се предвидени привремени мерки кои, меѓу другото, вклучуваат и одземање на огненото оружје кога сторителот поседува огнено оружје“, посочуваат организациите.

Тие потсетуваат дека предлогот бол оружјето да се одземе само доколку кривичното дело е сторено со употреба на тоа оружје и тоа по налог на „внатрешна контрола на министерството“ или комисија која изготвува извештај во однос на прашањето дали на колегата/колешката треба времено да му/и` се одземе оружјето.

„Предлогот, пак, за членот 31-а, во кој се споменуваат ’семејното насилство’ како посебна категорија, ’социјалните центри’ и психолошкото и ’психијатриско советување, беше потполно да се избришат“, велат тие.

По реакцијата на граѓанските организации, МВР ги известила следново: „Министерството за внатрешни работи направи една дополнителна анализа и проценка на предложените решенија и, следствено, во постоечката работна верзија на предлог-законот веќе не се предвидува никаква интервенција во наведениот член“.

Оттука, здружените организации ја поздравуваат одлуката на МВР и бараат во иднина институциите да постапуваат во согласност со Истанбулската конвенција и националното законодавство кое е усогласено со конвенцијата, како и во насока на заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство.