Веќе трет месец нема владини средства за Дневниот центар за деца на улица од Шуто Оризари, кој јавно информира дека се наоѓа во неповолна ситуација.
„За да го одржиме континуитетот на работа со децата и семејствата, а во нивен најдобар интерес, стручниот тим веќе трети месец работи без финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, со цел децата повторно да не се вратат на улица. Имено, во рамките на Здружението за заштита на правата на детето како лиценциран давател (од август 2021 година) на социјални услуги во заедницата преку својата организациона единица Дневен центар за деца на улица кој обезбедува социјални услуги на дневен престој на деца во ризик (деца на улица) до минатата година континуирано ја добиваше финансиската поддршка од Министерството“, објавија од Центарот преку социјалните мрежи.
Од таму објаснуваат дека поради административна пречка, не се потпишал управен договор.
„И покрај сите наши обраќања, дописи и вложени напори за изнаоѓање решенија / надмининувања на овој проблем, секогаш наидувавме на молк / недавање одговор од другата страна. Министерството за социјална политика, демографија и млади како повикана институција да го штити интересот на децата со овој однос не го штити нивниот интерес, напротив ја затвора вратата на овој центар и ги враќа децата повторно на улиците“, забележуваат од Центарот.
Сметаат дека овој проблем е решлив доколку постои силна волја и заинтересираност овој Дневен центар да продолжи да си ја обавува својата функција.
„За да не се доведува до затворање на Дневен центар кој во изминативе 19 години успешно работи на намалување на престојот на децата на улица, дава социјална, психолошка, педагошка и друга вид на помош и заштита на децата од улица бараме произнесување од Министерството. Бидејќи работењето на Дневниот центар не е работа само со децата (на нивна социјализација, стекнување работни и културни вештини, хигиенски навики, комуникациски вештини, описменување, вклучување во образовниот процес итн.) туку и работа со нивните семејства, на јакнење на родителските капацитети и потенцијали, услуга на информирање и упатување, поддршка и совети, како и се работи на нивните работни вештини за работна интеграција за вклучување на пазарот на трудот“, стои во објавата на Центарот.