СЗО: Замрзнувањето на помошта од САД загрозува милиони заболени од туберкулоза

Замрзнувањето на американското финансирање за програмите за туберкулоза става во опасност милиони животи ширум светот, предупреди денеска Светската здравствена организација (СЗО), пренесе Н1.

СЗО проценува дека глобалните напори за борба против туберкулозата, најсмртоносната заразна болест во светот, спасиле повеќе од 79 милиони животи во последните две децении, се вели во соопштението.

Сепак, тој напредок е загрозен од замрзнувањето на американската помош од која зависат многу организации, особено во сиромашните земји.

„Ненадејните буџетски кратења сега се закануваат да го вратат тешко постигнатиот напредок во борбата против туберкулозата, доведувајќи милиони луѓе, особено најранливите, во голем ризик“, предупредува СЗО.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 20 јануари потпиша извршна наредба со која се наредува замрзнување на американската странска помош за 90 дена.