Откако Дневниот центар за деца на улица од Шуто Оризари јавно реагираше дека три месеци функционира без владини средства и се наоѓа пред затворање поради неповолната ситуација, од Министерството за социјална политика, демографија и млади тврдат дека Здружението за заштита на правата на детето, под кое спаѓа Центарот, не ги исполнувало условите на Јавниот конкурс за да му се доделат финансии за давање социјални услуги.
Според одговорот на ресорното министерство до Радио МОФ, Конкурсот е објавен на 24 декември 2024 година на нивната веб-страница, како и во двата весници „Слободен печат“ и „Коха“, со краен рок за доставување апликации до 30 декември.
„На јавниот конкурс аплицираше и Здружението на граѓани Заштита на правата на детето за социјалната услуга – Дневен престој за деца во ризик-деца на улица, но по спроведена постапка од Комисијата за обезбедување средства за социјални услуги од општините и другите даватели, е констатирано дека истите не ги исполнуваат условите пропишани во горенаведениот Јавен конкурс, за што Здружението е благовремено известено и информирано“, ни одговорија од министерството.
Тие информираат дека од нивната Комисија за лиценцирање на даватели на социјални услуги до Одделението за социјално вклучување, доставено е мислење за неисполнетост на условите – за услугата Дневен престој за деца во ризик.
„Воедно дадено е мислење за одземање на дозволата за вршење на работа во социјалната заштита за обезбедување на именуваната услуга, врз основа на што е изготвено соодветно Решение и истото е доставено до Здружението согласно позитивните законски прописи“, стои во одговорот од министерството.
Истовремено велат дека „на територијата на Шуто Оризари се доделени средства за социјалната услуга Центар за дневен престој за деца во ризик на лиценцираниот давател на социјална услуга Здружение на граѓани за здравствена, социјална и образовна поддршка ‘Иницијатива за развој и инклузија на заедниците’ Скопје, односно склучен е управен договор помеѓу горенаведеното здружение и министерството“.
Дневниот центар за деца на улица за ситуацијата веќе испрати допис и до премиерот Христијан Мицкоски.
Рекоа и дека остануваат без финансиска поддршка заради задоцнето даночно уверение од Управата за јавни приходи (УЈП). Иако документот за даноци бил побаран во законски предвидениот рок (на 25 декември 2024), како што посочија, истиот бил издаден дури на 3 јануари 2025, неколку денови по крајниот рок на конкурсот (30 декември), поради што Министерството за социјална политика, демографија и млади ја отфрлило нивната апликација.
„УЈП уверението ни го издаде на 3.1.2025 година кога и го приложивме до Министерство. Значи, од објективни причини (друг орган го издава уверението) бараниот документ е доставен на истиот ден на кој е издаден. На 29.1. 2025 година од страна на Комисијата за обезбедување на средства за социјални услуги од општините и други даватели која функционира во рамките на Министерството сме известени дека нашата пријава не е воопшто земена во разгледување, бидејќи недостасува наведениот документ“, објасни координаторката и едукаторка, Ирена Велкоска, пренесе licevlice.mk.
Оваа услуга – Дневен престој на деца во ризик – ја даваат две организации во Македонија, и истите се наоѓаат во Шуто Оризари, а се лиценцирани даватели на социјална услуга од Министерството.
„Министерството треба да го зголемува бројот на вакви центри, а не да затвора докажани институции кои директно влијаат врз превенцијата на сиромаштијата и социјалната исклученост на децата. Секое затворање на ваков центар значи враќање на децата на улица и поништување на години градена грижа и поддршка“, посочи Велкоска.
Од Центарот исто така посочија дека веќе 19 години работат на социјализација и заштита на најранливите деца и Центарот е лиценциран давател на социјални услуги, воедно помогнал на над 600 деца, спречил 255 малолетнички бракови и вработил 230 младинци.
Затоа, апелираа надлежните институции да ја преиспитаат одлуката и да најдат начин да биде задржан континуитетот во работата, истакнувајќи дека интересот на децата треба да биде примарен.
Бојан Шашевски