Германскиот синдикат на аеродромските работници за денеска повика на штрајк, со целосно прекинување на летовите кои се планирани во Берлин, за време на тензичните преговори за платите во секторот, пренесе Ал Џазира Балканс.
Околу 3.400 летови денеска ќе бидат откажани, а тоа ќе влијае на половина милион патници.
„Ќе има огромни ограничувања за полетувања и пристигнувања, веројатно вклучувајќи и откажување летови“, се вели во соопштението на синдикатот Верди.
Аеродромот Берлин-Бранденбург во петокот објави дека денеска целосно ќе престане со работа. Во Франкфурт, каде е најголемиот германски аеродром, оперативната компанија Фрапорт предупреди дека ниеден патник нема да може да се качи на летовите, што „речиси сигурно“ ќе влијае на меѓународните летови.
Штрајк ќе се одржи и на аеродромите во Минхен, Бремен, Келн, Дортмунд, Дизелдорф, Хамбург, Хановер, Лајпциг и Штутгарт.
Околу 5.000 аеродромски работници и 23.000 вработени кои обезбедуваат различни услуги на аеродромите се повикани на штрајк, соопшти нивниот синдикат.
Работниците се повикани да ја прекинат работата во екот на годишните преговори за платите и условите за работа, а следната рунда преговори е закажана за средината на март.
„Работодавците сè уште не дадоа понуда во контекст на тековните колективни преговори и не покажаа подготвеност да одговорат на нашите барања“, соопштија од синдикатот Верди, кој бара зголемување на платите за осум проценти и бонуси.