Анализа: Како се „полнеле“ и „празнеле“ општинските каси, Струга, Тетово, Чаир, Сарај и Град Скопје

Општините Чаир и Сарај испорачаа реализација на буџетските приходи и расходи под 90%. Ретки се локалните самоуправи кои успеале во целост да го наплатат или надминат годишниот план за наплата на данок на имот, пишува Порталб.мк. Во ова продолжение на Анализа – под лупа буџетите на Струга, Тетово, Чаир, Сарај и Град Скопје.

Наплата на даноци , исплата на плати

Општина Струга во 2024 испорача реализација на вкупните приходи на ниво од 93,9%.  На приходната страна повеќе пари во однос на планот се собрани од данок на доход, додека потфрлување има кај наплатата на данок на имот кој во однос на планот е реализиран со 88,2%. Највисока приходна ставка во износ од 14,8 милиони евра се државните трансфери. На расходната страна реализацијата изнесува 93,7%. За исплата на плати и придонеси се потрошени 13,9 милиони евра а повисоки трошковни ставки се и “други градежни објекти“ и “ поправка и тековно одржување“.

                                                 Реализација на Буџет 2024

                                               Приходи                           Расходи

Општина Струга                  93,9%                                 93,7%

Општина Тетово                 95,5%                                  92,8%

Општина Чаир                     85,7%                                 85,2%

Општина Сарај                    86,2%                                 85,9%

Град Скопје                           76,8%                                 75,6%

Извор : МФ

Општина Тетово која располага со еден од поголемите буџети на локално ниво, лани собрала 95,5% од планираните годишни приходи. Оваа општина во однос на наплата на даноците успеала да испорача реализацијата повисока од планираната а конкретно од данокот на имот остварувањето било 104,5%. Годишните расходи во однос на планот се остварени на ниво од скоро 92,8%. Исплатата на плати и придонеси и кај оваа општина се највисока трошковна ставка кој го чинела буџетот  22,3 милиони евра а втора по висина на износ се “договорни услуги“ за што се исплатени нешто повеќе од 2,2 милиони евра.

Скопската Општина Чаир во економската 2024 та реализирала 85,7% од планираните годишни приходи. Податоците покажуваат дека кај оваа локална самоуправа има позначајно потфрлување на наплатата кај  сите клучни даноци – на доход, на имот, на специфични услуги. Конкретно, реализацијата на наплатата на данокот на имот во однос на планот изнесува 88,6%.  На расходната страна буџетското остварување изнесува 85,2%. За  исплата на плати и придонеси се потрошиле 15,9 милиони евра. По околу 1 милион евра се оделе преку ставките “комунални услуги, греење, транспорт“ и “поправки и тековно одржување“.

                            Реализација на приходи од данок на имот

Општина Струга                          88,2%

Општина Тетово                       104,5%

Општина Чаир                            88,6%

Општина Сарај                           75,9%

Град Скопје                                  71,7%

Извор: МФ

Позначајно неостварување на приходите има и Општина Сарај, со годишна реализација од 86,2%. Во однос на планот повеќе пари се собрани од данок на доход, додека наплата на данок на имот е остварена со 75,9%. На расходната страна реализацијата изнесува 85,9%.  За исплата на плати и придонеси во 2024 та оваа општина потрошила 8,9 милиони евра а позначајни трошковни ставки се и “други градежни работи“ и “договорни услуги“.

Во 2024 та вкупните буџетски приходи на Град Скопје изнесувале 101,8 милиони евра и во однос на планот тие се реализирале со 76,8%. На приходната страна поголема наплата од планираната има по основ на данок на доход и даноци на специфични услуги додека потфрлување има кај данокот на имот, каде остварувањето изнесува 71,7%. Ставката “глоби и такси“ е реализирана со 24,6%. На расходната страна буџетот на Град Скопје лани се реализирал со стапка од 75,6%. За исплата на основни плати и придонеси се потрошиле  34,1 милион евра и оваа сума е пониска во однос на планираната на годишно ниво. Лани Град Скопје потрошил помалку пари од планираното скоро по сите основи – за договорни услуги, трансфери до јавни претпријатија, купување на опрема, поправки . Меѓу највисоките трошковни ставки се “субвенции до јавни претпријатија“ каде реализацијата изнесува 93,1%,  ставката “ други градежни објекти“ е остварена со 78% а  “договорни услуги“ со 72,5%.

Во 2024-та, на ниво на државата, расходите на сите општини заедно со Град Скопје се реализирале со 85,2%  а приходите со 86,5%.

Порталб