Во четврток (13 март) со почеток во 18 часот во Францускиот институт во Скопје ќе се одржи видео-перформанс и изложба насловена „Кога ги следевме сенките“. Авторка на изложбата е Наташа Неделкова, а куратор Мелоди Робин.
Настанот, како што е најавено, ќе биде проследен со перформанс и разговор за креативниот процес.
„Оваа изложба претставува уникатна можност да се запознаете со делата на уметницата Неделкова, докторантка во Париз, која преку мултимедијална инсталација, нуди критичка перспектива на односот помеѓу еколошкото загадување и медиумската заситеност. На изложбата ќе биде претставена мултимедијална инсталација која комбинира скулптура и уметнички филм, откривајќи како овие динамики ги обликуваат современите политички наративи. Низ фрагменти од текстови и слики, Неделкова создава критичка мисла за интеракцијата помеѓу физичкиот и медиумскиот простор. Инспирација за делото се црните планини на Велес, извајани од олово и цинк – опипливи сенки на индустријата кои се мешаат со понеопипливите сенки на медиумската илузија. Мултимедијалната инсталација ќе биде изложена еден месец во излогот на Францускиот институт“, велат организаторите.
Заинтересираните може да резервираат место за настанот на следниов ЛИНК.
Во рамките на својата посветеност кон локалната уметничка сцена, Францускиот институт во Скопје соопшти ќе продолжи да организира изложби и уметнички средби низ целата 2025 година и ги поканија сите љубители на уметноста да им се придружат и да бидат дел од инспиративните настани.