Треба да се најде некое чаре, за да продолжиме со важната мисија, вели Оливер Бачановиќ од Дневниот центар за деца на улица од Шуто Оризари кој е пред затворање

По 19 години работа на социјализација и заштита на најранливите, на Дневниот центар за деца од улица од Шуто Оризари му се заканува затворање. Од таму велат дека иако помогнале на над 600 деца, спречиле 255 малолетнички бракови и вработиле 230 младинци, сепак досега надлежните ги игнорирале нивните обраќања и дописи, без да се најде решение со кое ќе биде задржан континуитетот на работа и интеграцијата на децата. Воедно, последните три месеци работат без финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади. 

Додека ресорното министерство за Радио МОФ изјави дека Центарот не ги исполнувал условите на Јавниот конкурс за да му се доделат средства и притоа му е одземена лиценцата, Здружението за заштита на правата на детето, под чија капа спаѓа Центарот, смета дека целиот процес е „некоректен“.

Во разговор со Радио МОФ, претседателот на Здружението, Оливер Бачановиќ, раскажува дека постојано се борат со ветерници, а во изминатите месеци живеат во неизвесност.

Откако Дневниот центар изгоре со градинката „Снежана“ во 2017 година, тие беа преселени во дел во амбулантата во Шуто Оризари, па во куќа спроти оваа здравствена установа, за на крај, во септември 2024, да најдат нов дом на улица „Иљо Војвода“.

„Се преселивме по укажување дека претходните простории не беа соодветни. Додека реновиравме во новата локација на ‘Иљо Војвода’, на 1 октомври 2024 дојдоа од Комисијата на министерството. Видоа, разгледаа, но не ни пратија ново укажување, дали нешто чини, или не чини. Значи не добивме официјален записник. Меѓувреме, како што реновиравме праќавме фотографии со измените, со цел да покажеме дека се прилагодуваме на потребите на Центарот, но и дека се доближуваме до стандардите на Правилникот за работа. Повторно немаше реакција“, раскажува Бачановиќ.

Фото: Дневен центар за деца на улица

Барале и прием кај новиот министер за социјална политика, Фатмир Лимани, но повторно немало реакција.

„Комисијата ја прашувавме дали мислењето е ‘позитивно’ или ‘негативно’, пак немаше одговор. Дури некаде во декември 2024 дознавме дека мислење е пратено кај министерот, без да знаеме епилог. Меѓувреме, ние имаме лиценца за работа, со што бевме легитимни да се пријавиме на конкурсот (за доделување финансии за социјални услуги) и да добиеме управен договор“, посочува Бачановиќ.

На конкурсот распишан на 24 декември останале без поддршка заради задоцнето даночно уверение од УЈП.

Иако документот за даноци бил побаран во законскиот рок (на 25 декември 2024), како што вели тој, истиот им бил издаден на 3 јануари 2025, неколку денови по крајниот рок на конкурсот (30 декември), поради што министерството не ја прифатило апликацијата.

„Се пријавивме како што се пријавуваме секоја година. Не ни е прв пат. Со сета потребна документација: Елаборат, Програма за работа… десетина документи. А, притоа укажавме дека сме поднеле барање до УЈП во законскиот рок. Значи, од објективни причини, бидејќи друг орган го издава уверението, бараниот документ го доставивме на истиот ден кога ни беше издаден. Сепак, воопшто не беше разгледана апликацијата. Условно речено, ускратено ни е правото да влеземе во материјална расправа поради административна пречка“, посочува Бачановиќ.

Фото: Дневен центар за деца на улица

Во февруари дознале дека нивната апликација е отфрлена, а дури сега, на 7 март, дошол и официјален допис дека им се одзема лиценцата за работа, бидејќи не бил соодветен просторот каде функционира Центарот.

За Бачановиќ, постојат повеќе недоследности и контрадикторности, па ќе се жалат до Второстепена комисија.

„На пример, се повикуваат на наше известување, ама за простории кога бевме во куќа спроти здравствениот дом. Но, како што кажав, по претходни укажувања од службите, веќе изнајмивме друга локација и фактички треба да се даде друго мислење. Понатаму, во самото Образложение не стои кои се причините за тоа зошто ‘не е соодветен просторот’, туку министерот донел Решение врз основа на Комисијата. Исто така, беше вршен увид во нашите простории, без да добиеме записник за она што е констатирано“, забележува тој.

Управен договор за дневен престој на деца во ризик во Шуто Оризари, годинава е направен само со Здружението „Иницијатива за развој и инклузија на заедниците“, потврдија од ресорното министерство за Радио МОФ.

Пошироката слика, смета Бачановиќ, е дека општеството има потреба од повеќе дневни центри, па, наместо да ги намалува, треба да наоѓа начин да ги зголемува ваквите капацитети, од кои бенефит имаме сите. Плус, центарот не е само просторот, туку и целото акумулирано знаење и искуство што би згаснало со нивниот тим.

Фото: Дневен центар за деца на улица

„Имаме координатор и едукатор, имаме психолог, педагог, социјален работник… Освен нив, ако се затвори Дневниот центар, така губи и министерството, ама губат и тие 24 (моментално згрижени) деца, губи и целата заедница, губи и општеството во целина. Треба да се најде некое чаре, за да продолжиме со важната мисија“, нагласува Бачановиќ.

Од Дневниот центар од Шуто Оризари веќе истакнаа дека во изминативе 19 години успешно работат на намалување на престојот на децата на улица. Даваат социјална, психолошка, педагошка и друга вид помош и заштита на децата. Дејноста не се заснова само на нивна социјализација, одвикување од питачење, стекнување работни и културни вештини, на хигиенски навики, описменување, вклучување во образовниот процес… туку и работа со нивните семејства. Односно, паралелно и родителите да бидат упатени, информирани и интегрирани на пазарот на трудот.

Бојан Шашевски