„Д Фестивал“ се збогува со Дојран и од летово се сели во Штип

По години магични изгрејсонца, музика под ѕвездите и слобода на брегот на Дојран, време е за ново поглавје, велат од „Д Фестивал“

„Со срце полно љубов и почит, кажуваме огромно благодарам на прекрасните Дојран и дојранчани за сите незаборавни моменти, за гостопримството со кое својот град го направија местото каде што од 2011 година нашите соништа се спојуваа со реалноста“, посочуваат од фестивалот.

Но, како што велат, полека и сигурно Д заедницата расте, и како дете што го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и „Д Фестивал“ тргнува по нов пат.

„Ова лето, за јубилејната 15ка, нашиот фестивалски караван продолжува кон Штип – опкружени со планини и река, под Исарот е новата дестинација за најпозитивната фестивалска дружина, нов простор за магија и ново платно за испишување на највозбудливите фестивалски приказни.  Нови хоризонти, истиот дух, уште повеќе љубов! Во единствената летна фестивалска авантура во Македонија, сонуваме заедно! И заедно го живееме сонот!“, потенцираат од „Пасворд продукција“, под чија капа се организацира фестот.

Инаку, годишниот традиционален летен фестивал ќе се одржува од 4 до 6 јули, но овој пат малку со променето име „The Festival“.