Започна обновата на граничниот премин „Маркова нога“ кон Грција

Денеска во Преспа официјално беше означен почетокот на обновата на граничниот премин „Маркова нога“ кон Грција.

Како што соопштија од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), преминот има историско значење за регионот.

„Неговата обнова ќе овозможи подобрување на сообраќајното поврзување, значително ќе се скрати времето на патување кон двете земји и ќе се зајакне меѓусебната економска соработка и комуникација. Интервенциите се дел од проектите од програмата #eu4prespa финансирани од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и реализирани од УНДП во партнерство со националните и локалните партнери“, велат од УНДП.

Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека овој граничен премин е само уште еден чекор кон поврзување на двете Преспи од едната и од другата страна на границата.

„Мислам дека ваквите примери се позитивни и за двете држави“, рече Мицкоски.

Од Делегацијата на Европската Унија посочија дека во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“ ќе се изгради објект за Царинската управа од околу 360 метри квадратни, резервоар за вода, армирано-бетонски пропусти, водоснабдување и канализација, потпорни ѕидови, три новопланирани улични делници и јавни тоалети.

Реализацијата се очекува да биде завршена за 16 месеци.

Инаку, преминот е затворен 58 години.