Прифатена иницијативата на Шанса за Центар за да се прават „зони за смирен сообраќај“ на повеќе локации во општина Центар

Зачестените сообраќајни несреќи, густиот сообраќај и безбедноста на децата од локалните училишта беа причина зошто Општина Центар во 2015-та воведе т.н. „зона 30“ или „зона на смирен сообраќај“ во скопско Дебар Маало, потоа наредната година и на делови од Водно, но не се прошири ваквото сообраќајно успорување низ цела општина, иако се работи за централно подрачје на Скопје.

Сега, Шанса за Центар информира дека Советот на Општина Центар ја прифатил нивната Иницијатива за воспоставување зони на смирен сообраќај во повеќе градски четврти на Центар, со што треба да се покаже целосна примена и усогласеност со Законот на безбедност во сообраќајот на патиштата и Правилникот за сообраќајни знаци, опрема и сигнализација на патот.

„Целта? Да се изработи план за поспори, побезбедни и попријатни улици во Центар – за пешаците, велосипедистите, децата и сите нас. Шанса за безбедност. Шанса за сите. Шанса за спокој. Па дури и ако стигнеме 5 минути подоцна – важно е сите да стигнеме!“, соопштија од граѓанската иницијатива што има свои советници во Советот.

Во самиот Заклучок за иницијативата, стои дека Општина Центар „ќе отпочне постапка за воведување на зоните на смирен сообраќај во кој брзината на возење ќе биде ограничена на 30 километри на час во Градска четврт Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало курило и Цвеќара, грдските четврти Крњево, Маџир Маало, Клинички центар и Геолошки завод, Пролет, Мирче Мацан, Амбуланта Пролет, Судска Палата, Буњаковец, Парк 1 и дел од Дебар Маало 2, Ново Маало и Тасино Чешмиче“.

Со прифаќање на овој Заклучок, треба да стартува изработка на нови сообраќајни решенија за зоните, а општина Центар да учествува со свои финансиски средства предвидени во програмата за комунални дејности, Програмата за уредување на градежно земјиште за 2025 година.

„Дополнителни средства за сообраќајни решенија се обезбедени и во Буџетот на ЈП за јавни паркиралишта ‘Паркинзи’ на Општина Центар-Скопје за 2025“, стои во Заклучокот, кој стапува на сила по објавување во Службен весник.

Инаку, Радио МОФ неодамна пак анализираше за проблемите со сообраќајната култура, инфраструктура и градската автоцентричност. Освен по сообраќајниот грч, по узурпираните пешачки и вело-патеки од возачи „што се враќаат за 5 минути“ и по давањето предност на улици каде не се скротува брзото и небезбедно возење, автоцентричноста може да се мери и по бројот на возила. Не е тајна дека популарноста на колите расте, а на јавниот превоз опаѓа. Во главниот град во 2023-та, при последната евиденција, имало 218.002 возила, од кои 184.646 се регистрирани патнички автомобили, што е скок за дури 50.000 за една деценија.

Она што дополнително загрижува кај македонскиот главен град е дека оние општини кои имаат најголеми сообраќајни проблеми, всушност имаат и најголема стапка на моторизација на жителите. Па така, токму во скопската општина Центар, која е и најмала по површина во Скопје и има најголем проблем со недостиг на паркинг места, во 2023 година биле регистрирани најмногу возила, и тоа 35.133 возила или за околу 8.000 повеќе во споредба од пред една деценија.

Бојан Шашевски