Македонија се шири на светските планинарски мапи: Четири секции од Бесконечната трансверзала вметнати на Open Street Map

Македонија веќе не е празен простор на светските мапи за планинарски патеки! Четири секции од Македонската бесконечна трансверзала се веќе комплетно вметнати на Open Street Map, а со тоа и на сите популарни мапи и апликации кои се базирани на овие мапи, информираат дечките од Sammiana – Македонска бесконечна трансверзала.

Тие посочуваат дека се работи за повеќе од 700 километри патеки заедно со дополнителни важни точки од интерес, како извори на вода, засолништа, кампинг простори и слично.

„Продолжуваме и со останатите секции од источното, а потоа и од западното крило на трансверзалата. Дoполнително почнаа да се објавуваат одредени секции и на некои популарни платформи за планинарење, како Oudoor Active, Gaia, Komoot и други“, соопштија од таму.

Радио МОФ веќе пишуваше дека идејата за Македонската бесконечна трансверзала е да се исцртува долга кружна патека што поминува низ планините од западниот, централниот и источниот дел од Македонија. Таа е долга 2.070 километри, од кои повеќе од 1.500 километри се нови патеки кои досега не се користат од планинарската заедница.

Целта е ова големо поврзување да ги покаже убавините на Македонија, а притоа на планинарите да им понуди огромен терен за планинарење и истражување.

„Бесконечна трансверзала значи многу поминатo време на планина, со шатори, со сам себе, себенадминување. Во оваа динамика е добар план за бегство и полнење батерии. Сѐ што е идеја за трансверзала треба цело време да се надградува, и да не престане да се реди со идеи за да порасне поголема и да слушнат и странците што тука ние градиме“, посочи за Радио МОФ Дејан Доневски од друштвото „I love hiking group Macedonia“.

Бесконечната планинарска трансверзала треба да покаже убавини од Македонија кои сѐ уште не се истражени

Бесконечната трансверзала како идеја во Македонија никнува уште во 2016 година кога се прават првите ГПС трасирања со кои ќе се заобиколи целата земја. Седум планинарски клуба, здруженија или поединци волонтерски неколку години работат на трасирање на крилата на Трансверзалата.

Бојан Шашевски