[Видео] Голем број трактори паркирани во центарот на Белград во пресрет на големиот протест утре

Голем број трактори се паркирани околу Пионерскиот парк во центарот на Белград, каде членовите на здружението „Студенти 2.0“ кампуваат од 6 март, барајќи да престане прекинот на студентските блокади на факултетите, јавува Радио Слободна Европа.

Неколку десетици трактори беа паркирани вчеравечер, односно ноќта меѓу 13 и 14 март. Некои се паркирани на тротоар, а некои на коловозот. Некои од тракторите се со регистарски таблички на Кикинда.

Неколку дена претходно на социјалните мрежи беа споделени видеа и фотографии од камиони кои превезуваат трактори од различни делови на Србија. На едно видео од Крагуевац се гледа камион со грбот на градот Белград на вратата и без регистарски таблички кој превезува неколку трактори.

Студентите кои веќе три и пол месеци ги блокираат факултетите, во пресрет на протестот закажан за 15 март, апелираа до Министерството за внатрешни работи до 14 март да ја отстрани „шаторската населба“ од Пионерскиот парк и да спречи нејзино повторно формирање до 16 март.

Тие побараа од МВР, доколку не се помести „шаторската населба“, да обезбеди највисоко ниво на безбедност во вид на полициски кордон меѓу „шаторската населба“ и учесниците на протестниот собир на 15 март.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ги замоли студентите кои се наоѓаат во Пионерскиот парк да си одат дома во сабота и да се вратат следниот ден.

Студентите во блокада, меѓудругото, бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15-те луѓе при уривањето на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Нив ги поддржаа дел од просветните работници кои ја прекинаа наставата, адвокатите и дел од земјоделците и културните работници. Масовни протести и блокади досега се одржаа во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Во меѓувреме, се појави група која себеси се нарекува „Студенти 2.0“, а кои од 6 март кампуваат во Пионерскиот парк. Тие себеси се нарекуваат „студенти кои сакаат да учат“ и бараат прекин на блокадите.

Дел од јавноста ја обвини владејачката партија дека стои зад организацијата на овој протест, а дел од насобраните во паркот тоа го демантираа.