Она што го почна Општина Карпош и беше критикувано како изолиран случај на регресивно однесување, за жал, почнаа да го копираат и другите скопски општини Општина Центар – Горан Герасимовски и Општина Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски. Во време кога е повеќе од евидентно дека треба да се намали употребата од персонални автомобили, пред сѐ од урбанистички и сообраќаен аспект, но и од еколошки и безбедносен, општинските татковци почнаа да ги стимулираат младите повеќе да возат коли!, реагираат од иницијативата НаТочак.
По неколку страшни сообраќајни судири во кои виновниците се млади возачи на автомобили, велат активистите, наместо градоначалниците да имаат зголемени активности и инвестиции во овозможување безбедна и незагадувачка урбана мобилност за младите (подобри услови за пешчење, движење во инвалидска или бебешка количка, возење велосипед, тротинет, ролшули, итн.) тие решаваат да ги стимулираат тинејџерите побрзо да добијат возачка дозвола за управување со автомобил.
„Овие градоначалници треба да се засрамат што свесно се одлучуваат за мерка што не беше прифатлива ни во минатиот век, а камо ли денес кога сме преплавени од автомобили, небезбедност, хаос, ужасен град за еден млад човек, и она што ни треба сигурно не е уште поголемо поттикнување на таа автоцентрична култура“, забележуваат од НаТочак.
Дополнително, велат тие, овој тип на таргетирана субвенција даден на штотуку полнолетни лица во изборна година може да се смета за лесно и директно влијание на новите гласачи.
Она за што градов е очаен не се популистички мерки! Она што на Скопје очајно му треба се храбри политичари кои ќе го намалат бројот на автомобили на улиците, ќе ги ослободат тротоарите, ќе го развијат јавниот превоз да биде беспрекорен (чист, достоинствен, редовен, побрз од автомобилите), ќе ја доразвијат велосипедската мрежа, ќе го смират сообраќајот и ќе направат животот на младите (и сите!) да може да функционира совршено дури и без автомобил или со минимална употреба на автомобил. Но, за тоа треба визија, храброст, знаење, многу работа, меѓуинституционална соработка, многу конфликти со востановени практики, промена на културата. За субвенции, од друга страна, треба само еден јавен повик!“, стои во реакцијата.
И субвенциите за точаци, дополнуваат тие, не се за замена за инфраструктурни мерки, затоа и ги критикувале кога ги распишувале без подобрување на инфраструктурата.
„Нив сме ги прифатиле единствено како реклама, подобро е субвенции за точаци, отколку билборди со реклами: ‘Вози точак’. Слично и овие субвенции се со тежина на реклама и ништо повеќе. Нема да имаат никаков ефект на безбедноста. Само го рекламираат возењето кола и собираат лесни поени за политичарите“, се вели во реакцијата на НаТочак.
Инаку, Радио МОФ неодамна пак анализираше за проблемите со сообраќајната култура, инфраструктура и градската автоцентричност. Освен по сообраќајниот грч, по немањето брз и целосно фунцкионален јавен превоз, по узурпираните пешачки и вело-патеки од возачи „што се враќаат за 5 минути“ и по давањето предност на улици каде не се скротува брзото и небезбедно возење, автоцентричноста може да се мери и по бројот на возила. Не е тајна дека популарноста на колите расте, а на јавниот превоз опаѓа. Во главниот град во 2023-та, при последната евиденција, имало 218.002 возила, од кои 184.646 се регистрирани патнички автомобили, што е скок за дури 54.000 за една деценија. Ова значи, скоро третина од регистрираните коли во Скопје дошле само за една деценија.