Романот „Светот што го избрав“ на писателката Калина Малеска во издание на „Или-или“ е овогодишниот добитник на наградата Роман на годината која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.
Наградата „Роман на годината“ се доделува по 26. пат, а во најтесниот избор за наградата годинава влегоа трите романи „Простување“ од Кица Колбе, „Светот што го избрав“ од Калина Малеска и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски.
На годинашниот конкурс, што се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнаа 43 романи. Жири-комисијата беше во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата)
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година, од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.