Самостојна изложба на Индиа Мулен на 20 март во галеријата „Пионери“

Галеријата „Пионери“ ја најавува самостојната изложба на Индиа Мулен која ќе се одржи на 20 март, со почеток во 19 часот.

Мулен е мултидисциплинарна уметница од Ирска, а изминатава деценија таа работи во театар, телевизија и филм, појавувајќи се како актерка во низа проекти признати од критиката.

„На јавноста ѝ е особено позната по улогата во прочуената ТВ-серија ‘Нормални луѓе’. Во последниве години Мулен се занимава и со филмска продукција и визуелна уметност. Нејзините фотографии се објавувани во ‘Wonderland’, ‘W Magazine’, ‘NME’ и други списанија, а во моментов е во претпродукција за својот прв филм како сценаристка/режисерка“, се посочува во најавата за изложбата.

Неодамна, Мулен се претстави со свои дела во „Have A Butchers Gallery“ во источен Лондон, во рамките на изложбата „Strange Quarks“, курирана од Алегра Вентури во соработка со уметницата и дизајнерка Џоана Лордан.

„’Нормални луѓе’ е позната ТВ-серија базирана на истоимениот роман на Сали Руни. Приказната ја следи комплексната врска меѓу Мериен (Дејзи Едгар-Џонс) и Конел (Пол Мескал), двајца тинејџери од Ирска кои припаѓаат на различни општествени слоеви, преку нивните искуства во соочувањето со љубовта, класните разлики и идентитетот, од средно училиште па сè до последните
години на колеџ. Серијата ги собра сите пофалби за суптилниот пристап кон раскажувањето, интимната визуелна естетика и трогателната изведба на Едгар-Џонс и Мескал. ‘Нормални луѓе’ со ретка автентичност ги доловува комплексните чувства на младешката љубов, а деликатната обработка на темите на ранливост и блискост ја издвојува оваа серија како една од највпечатливите драми за созревањето во последниве години“, се додава во најавата за изложбата.