Илјадници граѓани од сите делови на Србија денеска се собраа во Белград на повик на студентите за да учествуваат на протестен собир, поттикнат од трагедијата во Нови Сад кога се урна настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 луѓе, а двајца беа повредени.
Многу улици во градот се блокирани поради големиот број луѓе, па граѓаните и студентите наоѓаат алтернативни начини да се приклучат на протестот.
Колони демонстранти се движат кон Народното собрание и плоштадот Славија од сите страни и делови на градот.
View this post on Instagram
Od Skupštine do Tehničkih fakulteta ⌛snimljeno oko 15.15 ⛽ pic.twitter.com/BaMSs08VcH
— CRTA (@CRTArs) March 15, 2025
На Инстаграм профилот на студентите во блокада е објавено дека на протестниот собир ќе има три бини, односно, главната бина ќе биде на плоштадот Славија, каде ќе е главната програма и говорите. Во меѓувреме, кај Народното собрание ќе има аудио бина, каде ќе се пренесуваат говорите од Славија, а мини бина ќе има и кај паркот Мањеж, каде исто така ќе има пренос од говорите на Славија.
Официјалната програма започна во 16 часот, со едночасовна музичка програма. Од 17 часот започнаа воведни говори, додека половина час подоцна е најавен говорот „Нема да не газите“, а во 17:40 часот е најавено дека ќе биде прикажано видеото „Омраза/љубов“.
Програмата е предвидено да продолжи во 18 часот со хорски настап, по што во 18 часот и 30 минути ќе се одржат говори на просветни работници.
Во 19 часот ќе има тишина за загинатите во Нови Сад, а во 19:30 часот ќе продолжи музичката програма. Во 20 часот, организаторите ќе одржат говор насловен „Општествен фронт“, а 15 минути подоцна ќе следи нешто кое е најавено како „Најголемата врева во Србија“. Завршен говор е закажан за 21 часот, а во 21:20 часот ќе започне акцијата за чистење на просторот со музичка програма.
Придружна програма ќе се одржува и на четири точки каде граѓаните се собираат во текот на целиот ден.
Студентите претходно повикаа на мирен и достоинствен собир, како што велат, до исполнување на нивните барања. Велат дека нема да дозволат протестите да ги одбележат инциденти и најостро осудуваат секаков облик на насилство.
Инаку, Белград денеска е без јавен превоз, сите возила се повлечени од улиците, а низ градот може да се забележат групи граѓани кои пристигнуваат на договорените локации со знамиња и транспаренти.
Студентите кои синоќа од разни правци во Белград пристигнаа со велосипеди, пеш или со јавен превоз беа пречекани од голем број граѓани на Теразије, односно министерството за внатрешни работи процени дека имало околу 31.000 граѓани.
Протестни собири со кои ќе се изрази поддршка за студентите во Србија и глобална солидарност за студентското движење во земјата за викендов се најавени и во повеќе од 30 градови ширум светот.