Голема трагедија во Кочани, најмалку 51 лице загина, а над 100 се повредени во пожар во дискотеката „Пулс“

Животот го загубија 51 лице, а повеќе од 100 се хоспитализирани низ болниците во Штип, Кочани и Скопје, откако во раните утрински часови пожар ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР)

Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи изјави дека полицијата ги утврдува околностите за одговорност. Тој изрази сочувство до блиските на загинатите.

Околу трагичниот случај што се случи за време на настап на „ДНК“, рече дека синоќа околу 2 и 35 часот, полициски служби од Кочани во моментот постапувале по план за контрола на угостителски објекти, па добиле инфо дека во дискотеката избувнал пожар.

„Од дежурната служба се известени итната медицинска помош, пожарната служба кои пристигнале на лице место и евакуирале присутни во дискотеката. Според првичните информации, пожарот настанал како последица на искри од пирoтехнички средства, кои биле употребени за светлосен ефект на концертот. Во моментот на активирање на прскалките, искрите го зафатиле таванскиот дел и за кратко време пожарот се проширил и се создал густ чад“, рече Тошковски.

За краток временски период, посочи тој, на лице место пристигнале противпожарни единици и од итната медицинска помош од соседните градови, кои се приклучиле во пружање помош на повредените, а веднаш се активирале и хеликоптери на МВР кои помагале за транспорт на повредените до скопските клиники.

Тошковски нагласи дека од утрината се постапувало во координација со Дирекцијата за јавна безбедност, нои и Јавното обвинителство, кое преку својата веб-страна утринава нагласи дека сите нивни служби, вклучително и јавен обвинител – се на терен.

„Бројот на жртви и повредени во пожарот се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување“, соопштија утрото од Обвинителството.