Бројот на загинати се искачи на 59, повредени се 155 лица, соопшти Тошковски

Бројот на загинати во трагедијата во Кочани се искачи на 59. Од загинатите, идентификувани се 35 луѓе, од кои 31 се од Кочани и 4 од Штип, соопшти попладнево на прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Бројот на повредени се искачи на 155.

„Уште еднаш сакам да изразам искрено сочувство до семејствата на починатите во оваа ужасна трагедија, во која животот го загуби и еден полициски службеник од полициска станица Пробиштип, кој постапувал по претходно изготвен план за контрола на угостителски објекти во делот на недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во предметната дискотека“, рече Тошковски.

Тој посочи дека досега се извршени разговори со 10 хоспитализирани лица и со еден член од групата ДНК.

„Распишана е централна потерница по четири лица. Од страна на МВР во координација со Јавното обвинителство се постапува во овој момент и во Министерството за економија, од каде се обезбедува документација поврзана со предметната дискотека, како и лица поврзани со истата“, изјави Тошковски.

Министерот рече дека работат интензивно со сите сили со кои располагаат.

„Вклучени се обвинителството, вклучени ќе бидат повеќе инспекциски служби кои во текот на денот ќе извршат контроли, вклучени се буквално сите оние кои имаат било каква врска во процесна контрола и конкретни процесни дејствија кој што можеме да ги преземеме, се анализира буквално се’ што може да биде поврзано со овој ужасен настан. Како во делот на градежно-техничка документација, потребни предуслови за ставање во функција на таков објект, соодветни лиценци кои што би требало да ги поседува истиот, како во делот на конкретно постапување за време на настанот, обезбедување на истиот, постапување согласно правилници, подзаконски акти итн.. Во делот на сето она што го преземаме, во овој момент, не само од аспект на истрага која што ја водиме, туку и она кое што го преземаме како дејствија да се помогне на повредените лица“, рече Тошковски.

Истовремено, тој посочи дека премиерот Мицкоски е во контакт со скоро сите претседатели или премиери од соседство и имал комуникација со голем број претседатели од Европа или први луѓе.

„Разговараше и со генералниот секретар на НАТО, Руте. Сите изразија огромно сочуство и жалење за настанот и понудија секаков тип на поддршка која што би ѝ била потребна на Македонија. Правиме се што можеме да направиме“, рече Тошковски.