Дискотеката била полна со запаливи материјали, немала хидрант, а за концертот немало договор

За десет лица за кои денеска се обезбедени докази во врска со трагедијата која се случи во дискотеката во Кочани се бара притвор, а над дваесет се повикани на информативни разговори во полициски станици, информираше вечерва Јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Меѓу нив е и еден од организаторите кој денеска на обвинителите им кажал дека за вчерашниот концерт на групата ДНК нема писмен договор со изведувачите, пренесе новинската агенција Мета.

Коцевски посочи дека од увидот на лице место било констатирано дека објектот немал хидрант, ниту пак доволен број на противпожарни апарати. Зградата не била ниту регистрирана како угостителски објект, туку се водела како лесна индустрија според имотниот лист. И покрај тоа имала дозвола за работа од Министерство за економија издадена пред 15 години, иако не извршила пренамена.

„Немало две излезни врати туку само една. Една импровизирана метална врата на задниот дел од објектот била заклучена и обложена со гипс картон и сунгер за звучна изолација. Немало ниту пристап за протипожарни возила од две страни. Внатрешноста на објектот не бил направен од материјали со протипожарни својства, ниту пак имало систем за известување на присутните за случаи на пожар“, рече Коцевски.

Напротив, посочи дека објектот бил обложен со материјали за звучна изолација и визуелни ефекти кои биле лесно запаливи. Пиротехничките материјали се користеле противзаконски.

Коцевски информираше дека во полициска станица исказ давал и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, како и дека утре истрагата ќе продолжи и дека ќе бидат ангажирани уште неколку јавни обвинители од Скопје заради обемот на работата.