Во Кочани најавен протест во 13 часот

Во Градскиот парк во Кочани за денеска од 13 часот е најавен протест по вчерашната трагедија. Во објава на Фејсбук страницата Кочани (Гласот на Кочани) се наведува дека на социјалните мрежи кружат најави за протестот.

„Овој протест е израз на длабока болка и револт за загубените животи, но и за состојбата во која се наоѓаме како општество. Не можеме да ги вратиме нашите мили сограѓани, но сме должни да се бориме во нивна чест и за нив да го смениме овој неефикасен систем кој не обезбедува сигурност, благосостојба и праведност. Граѓаните бараат конкретни промени. Ќе се борат за град без партиски вработувања, за институции кои функционираат, за полиција која е тука за нас, за инспекциски служби кои ќе ги вршат своите обврски, за јавни простори кои ќе бидат безбедни и чисти. Протестот е за правдата, за секој од нас, за секоја жртва која што ја изгубивме и за сите нас кои го живееме овој град секој ден“, пишува во објавата на страницата.

Таму се наведува дека е потребно да се преиспита регуларноста на сите угостителски објекти.