Платформата за информирање на студентите „Студентарија“ реагира дека се мета на лаги, напади и валкани игри, откако вчера го пренесуваа студентскиот собир пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
„На платото на УКИМ се случи инцидент кој Студентарија одлучи да го пренесе и објави, што очигледно не им одговара на владејачките елити. За време на говорот на министерката Весна Јаневска, повеќе студенти побараа лекарска помош откако на нивни колеги им се слошило. Министерката продолжи да говори, по што огромната маса студенти почна со свиркање и барање тишина за да им се помогне на оние со влошена здравствена состојба. Меѓу извиците и свирежите се слушнаа повици собирот да не се политизира (поради присуството на Јаневска), а дел од студентите извикуваа и ‘Оставка’“, велат од Студентарија во своето соопштение на Инстаграм.
Од Платформата велат дека го документирале настанот и биле првиот медиум кој објави за инцидентот, затоа што сметаат дека јавноста и младите имаат право да знаат што се случувало.
„Двете видеа објавени на нашиот профил, заедно бројат над 1,2 милиони прегледи. На видеата се гледа огромна маса од луѓе најмалку 3.000 изреволтирани млади луѓе“, нагласуваат од Студентарија, дополнувајќи дека по објавата на видеата и нивната виралност, биле мета на „про-владини ботови“.
„Во страв од засилување на започнатите протести, а се најавени и за наредниов период, про-владините ботови се обидуваат да го минимизираат револтот и подготвеноста на младите да се изборат за најважното – правдата. (Од синоќа) бројни профили и страници организирано шират лаги дека организатор на протестите кои се закажани (за денес) во повеќе градови низ земјата, е Гоше Николов, основач на Студентарија. Меѓу лажните објави, се бара притвор за основачот на Студентарија, а се повикува и на насилство кон него“, стои во објавата на Студентарија.
Од таму демантираат било каква поврзаност со организацијата на протестите. Како што велат, ниту тие како платформа, ниту Николов се дел од иницијативи кои периодов наводно подготвуваат протести.
„Студентарија не е партиска алатка, ниту нечиј послушник. Не била, ниту некогаш ќе биде. Студентарија е гласот на младите и нема да запреме, особено не кога насилно се обидувате да не’ замолчите!“, се вели во објавата.
View this post on Instagram