НУНС: Недопустливо е бесрамното искористување на Вучиќ на жртвите од трагедијата за лична промоција

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ вчера во придружба на поголем број новинари, сниматели фоторепортери ги посети државјаните на Македонија кои се повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, а кои се лекуваат во Србија. Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) најостро го осудува оваа постапка која, како што велат, покрај тоа што е етички недопустливо, истовремено ги загрозува животите на тешко повредените.

„Александар Вучиќ заради сопствена промоција одлучи да ги искористи и жртвите од пожарот. Овој пат, заедно со новинари и новинарки одлучи да оди во ‘визита’ и наместо надлежните во Клиничкиот центар на Србија (КЦС), тој да ѝ соопшти на јавноста и на семејствата на повредените каква е нивната здравствена состојба“, се вели во реакцијата.

Од НУНС велат дека медиумските работници кои се согласиле да го следат Вучиќ во оваа посета учествувале во злоупотребата на повредените лица.

„Злоупотребата и манипулацијата со чувствата на жртвите и нивните блиски е кршење на новинарската етика. Можеме само да ги претпоставиме сите други можни тешки здравствени последици за животно загрозените пациенти кои се наоѓаат во строго контролирани услови со присуството на лицата на кои не им е место таму“, забележува НУНС.

НУНС најостро го осудува овој потег на српската власт и бара одговорност за загрозување на здравјето на пациентите.

„Посетата на повеќе луѓе кои не се клинички стручен персонал не смеела никако да се случи. Поставуваме прашање кој го дозволил тоа? Јасно е дека согласност од пациентот или нивните родители за ваква посета никогаш не смеела да биде побарана и на тоа морале да укажат началниците на КЦС“, реагираат од НУКС.

Од таму сметаат дека и про-владините таблоиди во Србија максимално ја експлоатирале оваа трагедија со наслови кои не можат да се наречат ни „кликбејт”, а кои, велат тие, се чист пример за најгрубо и немилосрдно нарушување на достоинството на жртвите.

„Тоа се медиуми кои добиваат најмногу пари од граѓаните преку проектно кофинансирање, јавни набавки и други облици на финансирање. Крајно време е да престанат да се наградуваат и затоа ги повикуваме сите оние кои ги делат парите на сите граѓани на Србија добро да размислат дали и понатаму ќе поддржуваат такво ‘новинарство’. Покрај тоа ги повикуваме и приватните огласувачи да водат сметка во кои медиуми се рекламираат бидејќи одговорното огласување е клучно за заштита на угледот и добриот глас на поединечните компании“, стои во реакцијата на Независното здружение на новинари на Србија.