Сите починати лица се идентификувани, а завршена е обдукцијата на сите починати 59 лица, соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопштувајќи ги најновите информации за трагедијата по пожарот во дискотеката во Кочани.
„Повредени се 196 лица, од кои 20 деца. Во моментот 93 повредени се на лекување во скопските болници, а 80 во странство и тоа Србија, Бугарија, Австрија, Хрватска, Турција, Грција, Унгарија и Бугарија“, рече Тошковски.
Додаде дека досега приведени се 18 лица, а задржани се 16 лица од кои што последното задржано лице се товари за тешки дела против општата сигурност, истото е потписник на основен проект за издавање на кабаре-клуб, еден од документите за да биде ставен во функција кабаре – клуб.
„Постојат основи кои одат во насока дека незаконито, паушално, без утврдување на фактичка состојба биле изготвувани круцијални документи, кои што биле предуслов во понатамошната постапка за ставање во функција за предметното кабаре“, изјави Тошковски.
Во однос на информациите при истрагата дека во близина на импровизираната дискотека „Пулс“ бил најден резервоар со нафта во склоп на бензинска пумпа, рече дека тој моментот на несреќата бил празен и нема поврзаност со сопствениците на дискотеката.
„По првичните информации е празен и не бил во допир со настаниот пожар во ужасната вечер. Сопственичката структура не е поврзана со менаџерската структура која е организатор во дискотеката“, рече Тошковски.