Централниот плоштад „Македонија“ во Скопје вечерва беше осветлен од неколку илјади граѓани, кои во молк оддадоа почит кон загинатите од големата трагедија што изминатиов викенд се случи во дискотеката во Кочани.
Мирниот собир за заедништво и сочувство, во вид на комеморативен настан започна во 18 часот, а реки од луѓе го исполнија плоштадот. Присутните палеа свеќи, оставаа цвеќиња, а имаше и граѓани со транспаренти.
„Заради гнилиот систем гниеме млади“, „Сите години молчење завршуваат со едноминутен молк“, „Ќе немаше волку крв ако беше се’ по закон“, „Парите со крвави раце ги броите“, „Народот страда додека системот одмара“ беа дел од пораките.
View this post on Instagram
Некои од помладите граѓани со кои поразговара Радио МОФ велат дека чувствуваат голема тага, но и револт.
„Првичната причина затоа што сме тука е заради промена во системот, кој очигледно е катастрофален, но и да дадеме почит кон починатите. Се надеваме дека ова никогаш нема повеќе да се повтори! Мора да работиме групно, сите заедно како општество. Да бидеме сплотени и да се избориме против овој корумпиран систем“, рече младиот Никола.
Неговата пријателка Ана Марија вели дека се потресени. Никогаш не би очекувале вакво нешто, ниту треба да се дозволи во една држава.
Фото: Радио МОФ
„Тоа што веќе секој си прави како сака, или како што викаат сите: ‘имам човек ваму, имам и човек таму’, на крај, донесува до вакви фатални ситуации, за кои долго време ќе размислуваме, за да сфатиме што всушност се случи“, нагласува таа.
Според неа, треба да спречиме, а не лечиме. Односно, да се превенираат трагедии со поголема организираност, контрола и мерки.
„Ова важи за нашите локали, особено онаму каде влегуваат млади луѓе, со цел да бидат побезбедни. Односно да има противпожарни апарати, системи… сето тоа постои веќе во светов, а и ние не сме далеку за да го воведеме. Да не чекаме нешто да се случи, за да почне промената“, нагласува Ана Марија.
View this post on Instagram
Со нејзиниот став е согласна и младата Мартина. Кога младите излегуваат петок, сабота, вели таа, знаат какви се условите по дискотеките, ама, тие често се занемаруваат, не се перцепираат.
„Баш со другарките разговаравме каде излегуваме и ретко да сме виделе дополнителен излез, ниту пак свесно сме размислувале за тие моменти. Сега сите сме со страв. Сега со други очи гледаме на излегувањето од дома“, посочи таа.
Според неа, ова е време на тага, на сочувство на изгубените животи, но понатаму мора и поголема ангажираност со цел да се сменат работите.
„Ова е мирен собир, тоа сега се очекува од нас, но сметам дека понатаму треба да се прошири и во протест“, нагласи младата Мартина.

Фото: @dobrence
Фото: @natas_ah / Инстаграм
Инаку, во големата трагедија што се случи по пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, додека повредени се 196 лица, од кои 20 деца.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска рече дека досега приведени се 18, а задржани се 16 лица од кои што последното се товари за „тешки дела против општата сигурност“. Претходно, тој потврди дека сопственикот немал лиценца за работа за дискотеката, каде според проценките биле 500 лица на претходно продадени 250 билети. Сопственикот при контрола приложил фалсификувана лиценца издадена на 13 март 2024 година. Воедно, објектот бил регистриран за лесна индустија и така работел 15 години.
Мартин Колоски и Бојан Шашевски
Фото и видео: Мартин Колоски