УСС-УКИМ: Министерката ниту ја поканивме да присуствува, ниту да одржи говор на собирот во УКИМ

Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) повторно објави соопштение, со кое велат дека за последен пат сакаат да се изнесат во однос на вчерашните случувања на општествениот кампус на УКИМ, каде беше прекинат говорот на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, а воедно таа беше исвиркана од дел студенти.

Од УСС-УКИМ сакаат да се оградат од говорот на Јаневска, за која тврдат дека ниту ја поканиле да присуствува, ниту да одржи говор.

„Нејзиниот говор, самото одржување, како и неговата содржина не беа во агендата на одвивање на настанот. Нашата одлука, за којашто со мнозинство се изгласа на состанокот на 16.03, беше само двеминутно обраќање на ректорката во знак на солидарност и изразување сочувство“, соопштуваат од УСС-УКИМ.

Со цел да не се создаваат поголеми гужви во моменти кога медицинската помош и полицијата се најпотребни на други локации, велат тие, големи собири по кампуси нема да се организираат, како што беше првично планирано.

„Активностите за искажување на почит и сочувство ќе можат да се организираат на ниво на факултети, по иницијатива на факултеските студентски собранија, а УСС-УКИМ ќе понуди логистичка помош. УСС продолжува да застапува заедништво и меѓусебна поддршка на индивидуално и колективно ниво. Овие црни денови не се моментот да се делиме, ниту да се пренасочуваме едни против други. Дозволете да се сплотиме како студенти и да си ја распределиме тагата, така е полесна!“, се вели во соопштението.

Комеморативен мирен собир на студентите во знак на почит кон жртвите во Кочани, наиде на повеќе реакции во јавноста и академската заедница, особено што на него се случија говори на ректорката Биљана Ангеловска и министерката Весна Јаневска.

„Ова се случи и покрај јасниот притисок од студентите да не се користи ваков трагичен момент за говори и политичка самопромоција […] Сведочевме на срамна институционална експлоатација на трагедијата“, реагираа од Студентски отпор.

Факултетското студентско собрание при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ целосно се огради од настапот на Јанеска.

„Сметаме дека во вакви траорни и тешки моменти нема простор на собир организиран од студентите да се држат говори од претставници на власта. Повторуваме, собирот е студентски и таков треба да остане“, соопштија од таму.

Од Форумот за образовни промени рекоа дека присуството на претставничка на владата на собир каде студентите изразуваа сочувство, но и револт против корумпираниот систем што ја овозможи оваа трагедија, е чиста хипокризија.

„Студентите не смеат да дозволат просторот за говор да биде узурпиран од политичар кои со години биле архитекти на систем што убива. Тие зборуваа доволно. Сега, во чест на 59 жртви, за да почиваат во мир и за да не изгубиме ниту еден друг живот поради неправда – зборот им припаѓа на студентите“, реагираа од Форумот.

Младински образовен форум (МОФ) исто така упати јавна реакција, потенцирајќи дека на собирот студентите иссвиркуваа, одбивајќи да бидат пасивни слушатели на монолози, во моменти кога нивната болка е погласна од се’.

„Ви се обраќаме на вас, на студентските претставници! Вие не сте таму заради популарноста, а ниту заради министрите, ниту заради ректорите или политичарите. Вашето место не е во нивна сенка, туку во првите редови на студентската борба! Никој од центрите на моќ – ниту ректоратот, ниту министерството, ниту политичарите – никогаш нема да го чуваат вашиот грб. А вие не сте таму заради нив. Вие сте таму само и единствено само, заради студентите. Тие се вашата сила, и вашата единствена вистинска поддршка! Историјата нè учи дека секогаш кога студентските движења биле независни од политиката, постигале значајни победи“, стои во реакцијата на МОФ.

Бојан Шашевски