Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) доцна вчера изразија загриженост поради повикувањето на информативен разговор на новинари, меѓу кои и претставници на меѓународни медиуми, кои со дронови го снимале синоќешниот протест во Скопје.
Во заедничката реакција на медиумските организации се посочува дека според достапните информации, забраната за користење на дронови била официјално објавена пред 20 часот, речиси два часа откако протестот веќе започнал. Дополнително, во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), за градот Скопје воопшто не беше спомената ваква забрана, истакнуваат ССНМ и ЗНМ, додавајќи дека ова отвора сериозни прашања за правната основа на постапката кон новинарите.
„Согласно Правилникот за воздухоплови без екипаж (Член 7, Став 1), одредени зони можат да бидат ограничени поради безбедносни или други важни причини, но ваквите одлуки мора да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни навремено. Општата примена на забраната без претходно известување и врз цел град, како во овој случај, не е во согласност со оваа правна рамка“, реагираат медиумските организации.
Во интерес на јавноста, тие побараа од МВР и АЦВ да дадат јасно појаснување за тоа зошто забраната за дронови била објавена дури откако протестот веќе започна. Дополнително, тие прашуваат зошто новинари биле повикани на информативен разговор иако според најавата Скопје не бил опфатен со забраната, потоа, по кој правен основ цели градови се опфатени, наместо конкретни зони како што предвидуваат подзаконските акти, како и зошто медиумите не биле навремено известени за ограничувањата.
„Очекуваме институциите да постапуваат транспарентно и во согласност со законите, со цел да се избегнат дејствија што можат да се протолкуваат како ограничување на работата на медиумските работници и слободата на медиумите и тоа за настани од висок јавен интерес. Воедно, апелираме до новинарите кои користат дронови да го прават тоа одговорно и со внимание, без да ги вознемируваат семејствата и блиските кои поминуваат низ тежок период, особено во наредните денови кога ќе се одржуваат погребите на починатите“, велат од ССНМ и ЗНМ.