Министерот за здравство Арбен Таравари во денешната изјава истакна дека нема ниеден починат од повредените лица во пожарот во Кочани.
Од вкупно 178 повредени пациенти, 64 се третираат во јавните здравствени установи во државата, 13 пациенти во приватните, а 101 пациент се третираат во странски медицински центри, посочи Таравари.
„Пациентите се во релативно стабилна состојба. Јас лично вчера заедно со министерот за надворешни работи ги посетив повредените кои се хоспитализирани во болниците во Солун и Софија, разговарав и со родителите, и тие се задоволни од третманот. Од пациентите хоспитализирани во Софија веќе две лица се екстубирани, а денеска се очекува уште двајца да бидат екстубирани, изјави министерот Таравари.
Воедно, тој истакна дека за денеска е организиран последниот транспорт на повредени лица во странство.
„Сакам да информирам дека од денеска се очекува хируршките клиники да продолжат да функционираат, не со полн капацитет туку со тие што се онколошки пациенти, а веќе од утре би требало и сите останати клиники да работат со планираните програми, рече министерот.
Во моментот во Клинички центар има 35 пациенти, од кои на КАРИЛ се сместени шест повредени лица, од кои еден е за транспорт, на детска хирургија четири, на пластична хирургија шест пациенти, трауматологија двајца пациенти, торакална и васкуларна хирургија четири пациенти, токсикологија 10, пулмологија два , офталмологија еден пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ се сместени 15 пациенти, од кои двајца денеска ќе бидат транспортирани за Шведска, во Стара градска болница се 11 пациенти, а во Клиничка болница Штип три пациенти од кои двајца денеска се пуштаат на домашно лекување.