Сојуз на средношколци: Образовните институции треба да покажат разбирање кон учениците, а не санкции и притисок

Во овие тешки денови, кога целата земја тагува поради трагедијата што ја погоди Кочани, упатуваме апел за разбирање и поддршка кон учениците кои минуваат низ тежок емоционален период, велат од Сојузот на средношколци.

Од таму посочуваат дека многу млади чувствуваат потреба да ја изразат својата солидарност преку учество во собири и иницијативи за поддршка.

„Во овој контекст, ги повикуваме образовните институции да покажат емпатија и разбирање за учениците, без да се соочуваат со санкции или дополнителен притисок во наставата. Ова се моменти кога хуманоста треба да биде на прво место“, сметаат од Сојузот.

Истовремено, изразуваат загриженост за односот кон учениците во овој чувствителен период.

„Наместо строги мерки, сега е неопходен дијалог, поддршка и заедничко разбирање. Протестите се крајна мерка која никој не ја посакува, но доколку изостане разумен пристап, реакцијата на учениците ќе биде неизбежна. Очекуваме од сите училишта и надлежни институции да придонесат кон создавање атмосфера на грижа, почит и поддршка, со цел учениците полесно да се справат со овие исклучително тешки моменти“, соопштуваат од Сојузот.

Реакцијата на Сојузот на средношколци доаѓа откако до медиумите дојдоа информации дека одредени управители во школи низ Македонија вршат притисок кон учениците да не одат на собирите и се закануваат со санкции, намалени поведенија и сл.