Митева: Направена контрола на 12 објекти со активна лиценца, досега утврдено дека три не усполнуваат услови и следи забрана за дејност

Портпаролката на Владата, Марија Митева денеска кажа дека има нови сознанија од теренските контроли Државниот пазарен инспекторат во однос на лиценците на објектите, правени откако се случи трагедијата во дискотеката во Кочани.

„Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни: од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека 3 од нив не исполнуваат услови, односно минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност. За останатите 9 ве информирам дека сѐ уште е во тек проверката на документацијата и во текот на денот ќе излеземе со дополнителни информации“, изјави Митева на денешната прес-конференција.

Во однос на ваквата состојба, рече таа, веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби кои се возможни согласно закон ќе бидат преземени.

„На терен во секој момент овие денови се над 10 тима кои вршат контрола и во текот на денешниот и ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Ќе се проверат сите, до детал. Сакам да ја информирам и јавноста дека е направен и план и за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото“, рече Митева.

Според неа, она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија, тоа е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција.

„Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме. Сакам да истакнам дека ја разбираме фрустрацијата. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“, нагласи таа.