Црвен Крст: Досега собрани 43.149.360 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани

Црвениот Крст утрово информираше дека досега се собрани 43.149.360 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани и ги повикаа граѓаните и понатаму сите заедно да ја покажеме хуманоста и солидарноста за настраданите.

„Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани“, велат од Црвениот Крст.

Оттаму соопштија дека во текот на вчерашниот ден биле дел од организацијата на погребите на трагично загинатите, посочувајќи дека биле ангажирани вкупно 165 волонтери кои дејствувале како тимови за прва помош и психолошка поддршка, поставени пунктови и логистичка поддршка на сите места каде се извршени погребите, обезбедена погребална опрема и транспорт за починатите.

„Свесни сме за ситуацијата и сочувствуваме со болката и тагата на погодените семејства, и остануваме посветени во обезбедување на поддршка на оние на кои им е најпотребна. Црвениот крст на РСМ е во контакт со партнерските национални друштва од земјите каде се хоспитализирани повредените од пожарот каде им се обезбедува поддршка за семејствата на повредените. Особена поддршка е понудена од организациите на Црвен крст на Србија, Бугарија, Словенија и Грција“, истакнаа од Црвен Крст.