До недела ќе молчиме. Но, од понеделник, тишината завршува. Од понеделник, се гледаме на улиците – гласни, бескомпромисни и обединети. За да нема заборав и да нема повеќе загубени животи поради небезбедност и неодговорност!, соопштија од граѓанското движење „Кој е следен?“, од каде за понеделник, 24 март, најавија протестен собир кој ќе започне во 18:59 минути на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
„Македонија го имаше најтажниот и најтрагичен ден во својата историја и за тоа мораат сите виновни да сносат одговорност. Не смееме да бидеме повеќе сведоци на грозоморни настани, кои немаат правни разрешници, кои немаат последици за сторителите и кои не ветуваат дека во иднина тие нема да се повторат. Несреќите почнуваат да се множат, а нивните жртви стануваат се побројни“, соопштуваат од „Кој е следен“.
Од движењето имаат и конкретни барања. Првото е транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отварање до несреќата од Државен пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државен градежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државен инспекторат за урбанизам, Локална самоуправа во Кочани, Локален градежен инспекторат, Дирекција за заштита и спасување и Управа за јави приходи.
Потоа, бараат дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со случајот „Пулс”.
Исто така, соодветна одговорност за сите поврзани со случаите со изгорената модуларна болница, со Онкологија, „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“. Воедно, движењето бара Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не како што велат само за дерегулација и финансиска помош од државата.
„Без исполнување на овие барања, Македонија нема како да почне да се лекува. Луѓето заслужуваат одговори. Сите ние заслужуваме правда. Мораме да излеземе на улици сѐ додека целата вистина не е изнесена на виделина. Бидејќи системот по безброј кој пат ја изигра довербата на народот, разрешницата од овој случај мора да биде под окото на јавноста. Народот не смее да биде повторно изманипулиран“, соопштува „Кој е следен?“.
View this post on Instagram