Министерството за животна средина нема предвидено пари во буџетот за ова година за довршување на Студијата за валоризција на подрачјето на Демир Капија, за кое пред три години беше поведена иницијатива да се прогласи за споменик на природата, објави агенцијата Мета.мк.
Еден дел од студијата, која започна да се изработува лани, е финансиран од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ и The Nature Conservancy, а целиот документ треба да биде готов до крајот на оваа година. Студијата е неопходна за да може да се идентификуваат најголемите вредности и големината на заштитеното подрачје, пред да може да се спроведе процесот на вистинска заштита на природните богатства на регионот. Од Министерството најавуваат дека, сепак, годинава ќе се направат обиди да се најдат пари за довршување на документот.
„Во буџетот за 2025 на МЖСПП не се обезбедени средства за доработка на Студијата за валоризција на Демир Капија која треба да биде изработена според Законот за заштита на природата. Со оглед на тоа, Министерството ќе се фокусира на обезбедување на дополнителни средства, за да може Студијата за Демир Карпија да биде завршена во целост“ велат од Министерството.
Студијата започна да се работи од септември минатата година, а досега се направени повеќе активности. Целосно се завршени теренските истражувања на рибите, водоземците и влекачите, а тематските извештаи се во завршна фаза на изработка. На терен се одвиваат и истражувањата за пајаци, додека лани беа реализирани и истражувања на акватичните безрбетници. Истражувањата на сите акватични тела ќе треба да продолжат следниот месец. Истовремено, се прави и хидролошка карта на подрачјето со мапирање на постојаните и темпоралните водени текови, како и дигитализација на заканите за таксономските групи на риби, водоземци и влекачи.
Од граѓанската организација Еко-свест велат дека иницијативата за прогласување на заштитено подрачје во Демир Капија ја туркаат веќе речиси три години, во соработка со меѓународната организација The Nature Conservancy, во рамки на регионалната иницијатива „Заедно за реките“. Во текот на овој процес, воспоставена е соработка со Општината Демир Капија, Министерството за животна средина и просторно планирање, локалните институции, организации, иницијативи и бизнис заедницата. Како резултат на тоа Советот на Демир Капија и официјално поднесе иницијатива до Министерството за животна средина за прогласување на заштитено подрачје. Иницијативата беше прифатена, а Министерството во програмата за минатата година ја предвиде изработката на Студија за валоризација, која е клучен чекор во процесот на заштита.
„Минатата година, Еко-свест, со финансиска поддршка од The Nature Conservancy, обезбеди половина од потребните средства и во соработка со МЖСПП започна со изработка на Студијата. Сепак, загрижени сме од фактот што во буџетот за 2025 година не се предвидени дополнителни средства за овој процес, со што се доведува во прашање неговото успешно финализирање. Очекуваме дека Министерството ќе најде начин да ги обезбеди неопходните средства и да го поддржи овој значаен чекор кон заштита на природното наследство на Демир Капија“, вели Ѓорѓи Митревски од „Еко-свест“.
Студијата за валоризација, како прв и неопходен чекор во спроведувањето на процесот на прогласување на заштитено подрачје треба да се изработи во две фази. Во првата фаза се веќе започнатите теренските посети и изработката на тематските извештаи за риби, макроинвертебрати, пајаци, водоземци и влекаци, како и за хидрологијата на сливните подрачја на реките во Демир Капија. Во втората фаза, која треба да се реализира годинава ќе треба да бидат изработени извештаите за цицачите, птиците, лилјаците, како и за геоморфолошките особености на подрачјето.
Демиркаписката клисура е заштитена со закон како споменик на природата во 1960 година, но во реалноста никогаш не добила вистинска заштита на природните богатства. Регионот околу Иберлиска река е исто така заштитен во рамки на Националниот еколошки акционен план од 1963 година, како индивидуален животински хабитат. Регионот е специфичен по присуството на ретки видови на птици како белоглавиот и египетскиот мршојадец, кралскиот орел, орелот змијар, лисестиот глувчар и разни видови соколи, како и други ретки видови птици. Разни ретки и посебни видови цицачи како лилјаци, влекачи и инсекти исто така живеат во Демиркаписката клисура како и ретки и ендемични видови растенија.
Со новата заштита се очекува најмалку четири притоки и дел од Вардар да влезат во заштитената зона, која ќе треба да се преклопи и со идното Натура 2000 подрачје, како и со постоечките Емералд подрачја по течението на Вардар и со ИБА подрачјето значајно за птиците.