Перински: Ќе им се даде рок на објектите што имаат некаква недоследност да ја отстранат

Објектите каде ќе се увиди дека има некаква недоследност, ќе им се даде рок да ја отстранат, за да може да биде гарантирана безбедноста на сите корисници, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински одговарајќи на новинарско прашање. Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави мораториум на приватни, но и државни објекти, во кој временски период ќе треба да се отстранат недостатоците.

Перински посочи дека е важно да се превенира се што може да се превенира во иднина да се случи, посочувајќи дека доколку објектите не ја отстранат аномалијата во догледен период, нема да можат и нема да имаат услови да работат.

„Наша обврска како Влада е пред се’ безбедноста на граѓаните и да го исправиме или можам да кажам, поставиме овој комплетно дерогиран систем, кој што во изминатите 30 години е граден во нашата држава. За жал, времето беше кратко, не можевме секаде да стигнеме и да исправиме, меѓутоа сме во добра насока да смениме многу работи во иднина, безбедноста на граѓаните пред се’ и над се’ е за оваа влада и во таа насока се прават проверки не само на јавните објекти, туку и на сите оние угостителски, станбени блокови итн…“, рече Перински.

Запрашан за тоа дали можеби би имало некакви мерки за родителите доколку бидат на пример затворени градинки, како во време на пандемијата со коронавирусот, кога родители останаа да ги чуваат децата дома, Перински посочи дека ова е многу широка и обемна акција, дека се изведува и на централно и на локално ниво и дека треба да се почека да се види исходот од целата акција.

„Да видиме со што ќе се соочиме, а потоа да носиме мерки и заклучоци. Така да, дајте ни време, и на нас како централна власт, но и на локалните власти, да видиме со кои предизвици ќе се соочиме, на што ќе наидеме и потоа ќе носиме заклучоци. Секако ќе бидат во насока и корист на граѓаните“, рече Перински.