Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека вработените во центрите за социјални работи, посебно оние од скопскиот регион, се изложени на притисоци и закани со отпуштања или прераспределувања ако излезат јавно да ѝ дадат поддршка на социјалната работничка од Прилеп, која пред неколку дена со огнено оружје беше нападната од корисник на социјални услуги и здоби две прострелни рани.
„За жал, од вчеравечер, по наредба од Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјална работа, останав без колегите бидејќи сите се заплашени. Им се закануваат дека ако излезат надвор и ѝ дадат поддршка на колешката и побараат какво било друго право, ќе бидат избркани од работа или ќе бидат распоредувани на други места“, посочи Деаноски.
Бидејќи избрале да комуницираат со Синдикатот на УПОЗ преку медиумите, Деаноски ги охрабри и им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи, туку треба да се борат и оти никој не може да ги избрка од работа ако сакаат да ѝ дадат поддршка на колешката.
Деаноски рече дека барањата на вработените во центрите за социјална работа се стари, од 2023 година, кога почнаа да се организираат во Синдикатот на УПОЗ, а се однесуваат на мерки за поголема безбедност на работните места.
„Треба да се знае дека центрите за социјална работа се специфична група на вработени. Секогаш работат со најмаргинализираната група на граѓани во нашето општество и секогаш се изложени на голем ризик во работата. Напаѓани се вербално, напаѓани се физички, а она што се случи пред некој ден во Прилеп беше кулминација на сите напади досега. Верувам дека и работодавците не сакаат тоа да се случи“, вели Деаноски.
Воедно, рече дека вработените во центрите работат во никакви услови, не добиваат надоместок за дежурство, не добиваат надоместок за приправност, влегуваат сами без полиција во случаи во кои има убиства, без никаква заштита, а за тоа немаат ниту бенефициран стаж.
„Итно да бидат решени овие проблеми, за да се избегнат исти или слични ситуации“, посочи тој.
По ова, со свој став се јавија од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Во врска со изјавата на Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани – УПОЗ, за наводно вршење на притисок врз вработени во центрите за социјална работа, како и закани дека ќе бидат избркани од работа доколку излезат на протест Ве известуваме дека од страна на Кабинетот на министерот и министерот Фатмир Лимани лично, такво нешто не се случило, самиот чин е недозволив, и не смее да се случи. Правото на протест е едно од основните права на човекот и е загарантирано со многу меѓународни документи, како и во националните устави на бројни држави. Во Република Северна Македонија правото на протест е уставно загарантирано право што подразбира дека граѓаните имаат право мирно да се соберат и да организираат протести, митинзи и демонстрации“, соопшти министерството.
Министерството излезе и со соопштение во кое го осудува немилиот настан во Центарот за социјални работи во Прилеп и истовремено рече дека постапката за физичко обезбедување на сите центри за социјални работи и јавни установи за социјална заштита е во завршна фаза и наскоро ќе се реализира.
Инаку, вработените во центрите за социјална работа, членови на Синдикатот на УПОЗ, денеска излегоа пред пред нивните установи за да ѝ дадат поддршка на повредената колешка од Прилеп, која пред неколку дена беше застрелана од корисник на социјални услуги. Пораката беше една и единствена, а тоа е веднаш да се изнајдат решенија за заштита на безбедноста на социјалните работници на нивните работни места.

Фото: УПОЗ