Македонскиот народен театар ќе го одбележи Светскиот ден на театарот со изведбата на претставата „12“, по мотивите на Реџиналд Роуз („12 Angry Men“), во адаптација и режија на Синиша Евтимов.
Традиционално, пред почетокот на претставата, како што посочуваат, ќе бидат прочитани меѓународната и македонската порака посветени на актуелниот театарски миг, а кои ги сподели Македонскиот центар на ИТИ.
Автор на меѓународната порака е театарскиот режисер, едукатор и автор Теодорос Терзопулос од Грција, кој е основач и уметнички директор на Аттис – Театарска компанија, инспиратор на Театарската олимпијада и раководител на Меѓународниот комитет на Театарската олимпијада.
Авторот на македонската порака за 2025 година е актерот Емил Рубен, пензиониран актер од ансамблот на МНТ, филмски и ТВ-актер.
Двете пораки, како што се најавува, ќе бидат прочитани непосредно пред почетокот на претставата, а честа да ѝ се обратат на публиката е на актерките Арна Шијак и Софиа Насевска-Трифуновска.