Ревијална изложба на 60 аналогни автори од Европа вечер во Центар-Јадро

Првата изложба на „Зрно фестивал“ годинава се вика „Sehschärfenbestimmung/Проверка на диоптријата“ и ќе се отвори вечер, 8 април, во 20 часот во КСП Центар – Јадро.

Се работи за ревијална поставка која ги обединува љубителите на аналогната фотографија од Европа и пошироко, а голем дел од авторите/авторките се учесници на работилниците за благородни фотографски постапки кои ги организира „Зрно фестивалот“.

„Во рамките на оваа изложба, 60 автори ќе се претстават со по едно дело, нудејќи широк спектар на креативни изрази и техники. Оваа изложба е можност да се доживее богатството на современата аналогна фотографија, која доживува своевидна ренесанса во светот. Во денешно време вистинските уметници се заситени од алгоритми врз кои немаат контрола, дела кои немаат авторски печат и тактилна димензија. Аналогната фотографија и старите благородни техники, кои ги негува Зрно фестивалот, стануваат се попопуларни во светот на современата уметност. Оваа година мото на Зрно фестивалот е: Фотосинтеза! – Зрно ги обединува авторите од светот и се храни со светлината. Внатрешна и надворешна!“, стоо во најавата за фестивалот.

Од Македонија учествуваат: Кети Талевска-Бакревска, Мартина Павлоска, Сара Ислам, Сашо Алушевски, Еџе Али, Анѓела Танчевска и Филип Ицовски.

Изложбата на „Зрно“ се реализира во соработка со и Galerie Guerilla од Виена и КСП Центар – Јадро.